• сабота, 21 декември 2024

Оптимизам во редовите на Вардар во пресрет на дуелот со Валур во Лига Европа

Оптимизам во редовите на Вардар во пресрет на дуелот со Валур во Лига Европа

 Скопје, 7 октомври 2024 (МИА) – Во таборот на двократниот европски шампион Вардар владее оптимизам пред враќањето на меѓународната сцена по двегодишна пауза.

„Црвено-црните“ утре го пречекуваат Валур од Исланд во првиот настап сезонава во Лига Европа. 

Пивотот Милан Лазаревски посакува победа и радост за навивачите на Вардар.

- По две години пауза повторно сме присутни на европската сцена. Сметам дека групата во која играме е поволна за нас. Противникот ни е по мерка. Со оглед на домашниот терен ќе кажам дека ние сме фаворити. Имаме убава можност со победа да ја отвориме новата сезона во Евролигата и да ги израдуваме нашите навивачи.

Тренерот Владо Недановски претпазлив пред утрешното соочување со исландската екипа. 

- За противник имаме млада и квалитетна екипа која преферира брз ракомет. Минатата сезона го освоија трофејот во третото по ранг европско натпреварување. Сепак ја преземаме фаворитската улога. Играме во наша сала, а секако и се работи за Вардар. Очекувам да ја запишеме првата победа во групата, изјави Недановски на денешната прес-конференција.

Тој за разлика од пивотот Милан Лазаревски смета дека групата и не е така поволна со оглед и на другите два ривала, Порто и Мелсунген.

- Лазаревски делува доста подготвен и затоа за него е групата поволна. Јас не се согласувам целосно со него, но можам да кажам дека групата е добра. Јас дури би го заменил и Валур со некое позвучно име со цел да се наполни „Јане Сандански“. Порто игра долги години во Лигата на шампионите, Мелсунген игра одлично во Бундеслигата, ама и Вардар не е за потценување, истакна Недановски. 

Натпреварот ќе се игра утревечер од 20 часот и 45 минути во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан