• понеделник, 23 декември 2024

Операта „Набуко“ од Џузепе Верди во Национална опера и балет

Операта „Набуко“ од Џузепе Верди во Национална опера и балет

Скопје, 21 септември 2024 (МИА) – Во Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе биде изведено ремек-делото од Џузепе Верди, операта „Набуко“.

Како што информираат од Национална опера и балет, делото ќе биде изведено под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.

Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ  „Илија Николовски – Луј“.

„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор.

Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull'ali dorate“ („Летај на златести крилја”).ар/лв/


Фото: Национална опера и балет

Остани поврзан