• вторник, 26 ноември 2024

Операта „Валкира“ во сабота во НОБ - прво спектакуларно издание на Вагнер

Операта „Валкира“ во сабота во НОБ - прво спектакуларно издание на Вагнер

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Во изведба на гостите од Софиската опера и балет, во сабота, 18 мај, за првпат на сцената на Националната опера и балет (НОБ) ќе прозвучи операта „Валкира“ од оперскиот реформатор Рихард Вагнер. Операта ќе биде прикажана во рамки на 52 издание на „Мајски оперски вечери“.

Според уметнички раководител на операта Орце Ицковски, гостувањето на оваа опера е еден од најексклузивните настани во ова издание на фестивалот. Тој денеска на прес-конференција најави дека привилегијата да се слушне Вагнер е привилегија за сите нас, а најмногу за посетителите.

-Би сакал да кажам дека ни е огромно задоволство и чест да ги примиме гостите од Софија. Привилегијата да се слушне Вагнер за првпат во Македонија е привилегија за сите нас, особено за публиката, бидејќи комплетна изведба на Вагнер во државата до сега немало и ова ќе биде спектакуларно издание за нашите „Мајски оперски вечери“, рече Ицкоски.

Директорот на НУ Национална опера и балет, Васо Ристов на прес-конференцијата посочи дека гостувањето на Софиската опера и балет го договарале уште минатата година и најави спектакл за кој ќе има голем интерес од публиката. 

-За ова гостување со маестро Карталов почнавме да се договараме уште минатата година, за 51 издание на „Мајски опери вечери“, каде што маестро Карталов ни беше гостин. Дојдовме до идеја Софиската опера и балет да земе учество на 52 „Мајски оперски вечери“. Ете, се случи тоа, овие денови тие се наши гости, а во сабота ќе имаме голем спектакл, кој што има голем интерес од публиката и мислам дека веќе билетите се пред самиот крај, додаде Ристов.

Директорката на Културниот информативен центар на Бугарија во Скопје, Антонија Велева рече дека гостувањето на Софиската опера и балет во Скопје е од големо значење за партнерството меѓу двете држави.

-Чест и задоволство е за нас што Софиската опера и балет има можност да гостува во Скопје со прекрасна претстава. Ме радува што Бугарија ја има честа оваа година да учествува на „Мајските оперски вечери“. Благодарам што бевме поканети како партнери и овие настани навистина се од големо значање за двете држави. Многу е важно да има вакво партнерство и вакви средби и во иднина, рече Велева на прес-конференцијата.

Таа за во септемри најави гостување и на Националната опера и балет на Северна Македонија во Софија.

Директорот на Софиската опера и балет Пламен Карталов на прес-конференцијата рече дека гостувањето е благодарение на долгодишната соработка и напомена оти е сигурен дека ќе понудат добра претстава за публиката во Скопје.

-За мене е огромна чест да бидеме тука во Скопје. Ова е благодарение на долгогодишната соработка со мојот колега и пријател Васко Ристов, при што се исполни желбата да учествуваме на „Мајските оперски вечери“ во Скопје. Оваа наша доверба трае повеќе години. Одлучивме да претставиме еден репертоар кој што го нема на Националната опера и балет во Скопје, рече Карталов. 

Диригентот на операта, Еван-Алексис Крист од САД потенцираше дека на секој љубител на операта ќе му се допадне оваа драма, најмногу поради музиката, но и поради историските аспекти.

-Последниве три години имав можност да соработувам со маестро Карталов, кој навистина има голема имагинација и креативност да создава прекрасни сцени од музички аспект. Имавме проби изминативе пет недели и тој постојано зборуваше за светлото и за музиката, како да ја прилагодиме и како да ја искористиме. Убеден сум дека на публиката ќе и се допадне операта од Рихард Вагнер онолку колку што и мене ми се допаѓа, додаде Еван-Алексис Крист.

Тој напомена дека иако самата опера е долга, трае четири часа, секогаш кога доаѓа крајот тој посакува истата да продолжи и понатаму да трае.

-Ќе видите колку бугарските оперски пејачи имаат неверојатни гласови, прекрасни гласовни способности. Имаат богата традиција, исто како и вие овде, и сметам дека навистина ќе ви се допадне, посочи Еван-Алексис Крист на прес-конференцијата. бт/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан