• четврток, 19 декември 2024

ОПЕК повторно ја намали прогнозата за раст на побарувачката на нафта во 2024 и 2025 година

ОПЕК повторно ја намали прогнозата за раст на побарувачката на нафта во 2024 и 2025 година

Виена, 14 октомври 2024 (МИА) - Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во својот најнов, денеска објавен октомвриски месечен извештај, повторно ја намали прогнозата за раст на глобалната побарувачка на нафта во 2024 и 2025 година.

ОПЕК сега очекува глобалната побарувачка на нафта да се зголеми за 1,93 милиони барели дневно оваа година, што е намалување од септемвриската проценка за раст на побарувачката од повеќе од два милиони барели дневно. Ревидираниот раст на светската побарувачка е првенствено последица на послабата побарувачка за енергетски производи во Кина.

Како што е наведено, ОПЕК предвидува дека растот на кинеската побарувачка на нафта оваа година ќе достигне 580.000 барели дневно, што претставува пад во споредба со септемвриската проценка за раст на побарувачката од 650.000 барели дневно. Според прогнозата на ОПЕК, главниот придонес за растот на побарувачката на нафта во 2024 година ќе го имаат земјите кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Споменатиот раст на побарувачката е сè уште над историскиот просек на раст на побарувачката од 1,4 милиони барели дневно, забележан пред пандемијата на корона вирусот, соопшти нафтениот картел со седиште во Виена.

ОПЕК, исто така, малку ја ревидираше прогнозата за раст на побарувачката на нафта во 2025 година од 1,74 милиони барели дневно на 1,64 милиони барели дневно. Истовремено, во прогнозата се наведува дека светскиот економски раст годинава ќе изнесува три отсто и благо ќе се намали на 2,9 отсто во 2025 година.

Според прогнозите, Соединетите Американски Држави очекуваат економски раст од 2,5 отсто во 2024 година и 1,9 отсто во 2025 година, додека еврозоната ќе мора да се задоволи со поскромниот раст од 0,8 отсто годинава и 1,2 отсто идната година. Кина ќе забележи раст на БДП оваа година за 4,9 отсто годинава и 4,6 отсто идната година, а Индија за 6,8 отсто годинава и 6,3 отсто во 2025 година, објави ОПЕК на својата веб-страница. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан