• четврток, 19 декември 2024

ОН: Нема податоци за испораките на помош во областите под контрола на бунтовниците во Сирија

ОН: Нема податоци за испораките на помош во областите под контрола на бунтовниците во Сирија

Њујорк, 10 февруари 2023 (МИА) – Групата на ОН за помош соопшти дека не добила детали од сириската влада за испораките во областите под контрола на бунтовниците, пренесе Си-Ен-Ен.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ), која работи на обезбедување помош на погодените од разорниот земјотрес во Турција и Сирија, не добила никакво конкретно место или време за влез на тие територии, изјави генералниот директор на организацијата, Антонио Виторино.

Сириската влада претходно денеска соопшти дека ќе дозволи помош за областите под контрола на бунтовниците, доколку таа не падне во рацете на „терористите“. Виторино тоа го нарече „политичка изјава“, прецизирајќи дека целата помош на ИОМ оди за оние на кои им е потребна.

- Нема да дискриминираме, изјави тој за Си-Ен-Ен.

Испораката на итни резерви во областите погодени од земјотресот во северна Сирија е отежната од долготрајната граѓанска војна меѓу опозициските сили и сириската влада, предводена од сирискиот претседател Башар ал Асад. Два хуманитарни конвои на ОН влегоа во северозападниот дел кој е под контрола на бунтовниците преку единствениот овластен граничен премин со Турција, додека владата на Асад доби авиони со помош од земјите ширум светот. јт/

Остани поврзан