• понеделник, 23 декември 2024

ОН: Електронскиот отпад само се трупа, а нивоата на рециклирање се ниски и се закануваат да опаѓаат

ОН: Електронскиот отпад само се трупа, а нивоата на рециклирање се ниски и се закануваат да опаѓаат

Најроби, 20 март 2024 (МИА) – Агенциите на Обединетите нации денеска предупредија дека електронскиот отпад се трупа низ целиот свет додека нивото на рециклирање останува ниско и може дополнително да се намали.

Агенциите го користат терминот „е-отпад“ кој се однесува на фрлените електрични уреди или уреди на батерии, кои вклучуваат мобилни телефони, електрични играчки, телевизори, микробранови печки, електронски цигари, лаптопи и соларни панели.

Терминот „е-отпад“ не го вклучува отпадот што потекнува од електрични возила, бидејќи спаѓа во посебна категорија.

Во денешниот извештај, Меѓународната телекомуникациска унија и истражувачка агенција УНИТАР која е поврзана со неа велат дека само во 2022 година биле произведени 62 милиони тони „е-отпад“ – доволно за да се опколи целата планета „браник до браник“ со камиони што влечат приколки натоварени со таков вид отпад.

До 2030 година, доколку продолжи овој тренд, годишното производство на „е-отпад“ ќе изнесува 82 милиони тони.

Половина од „е-отпадот“ од 2022 година отпаѓа на метали, поточно бакар, злато и железо, а вредноста е околу 91 милијарда долари, се наведува во соопштението.

Пластиката сочинува 14 милиони тони, вклучувајќи супстанции како композитни материјали и стакло.

ОН соопштија дека само 22 отсто од „е-отпадот“ бил правилно собран и рециклиран во 2022 година, а таа количина се очекува да се намали за 20 отсто до крајот на деценијата поради „неверојатниот раст“ на количината на таков отпад што се должи на поголемата потрошувачка, ограничувања во можноста за поправки на уреди, намалена издржливост на производите, зголемена „електронизација“ на општеството и несоодветна инфраструктура за управување со отпад.

Според двете агенции, некои од фрлените електронски уреди содржат опасни материи како жива, како и ретки метали кои ги сакаат производителите на технички уреди, а моментално само еден процент од побарувачката за 17-те минерали кои спаѓаат во тие ретки метали е исполнет преку рециклирање.

Околу половина од целиот „е-отпад“ се создава во Азија, каде што само неколку земји имаат закони за овој вид отпад или регулативи со кои се утврдува посакуваниот обем на рециклирање, се вели во соопштението.

Највисока стапка на рециклирање и собирање има во Европа – 40 проценти, а најниска е во Африка – околу еден процент, но во Африка овој вид отпад се создава најмалку во споредба со другите региони во светот. јт/

 

Остани поврзан