• недела, 22 декември 2024

ОН го поздрави договорот меѓу Израел и ОАЕ, Иран го оквалификува како срамен

ОН го поздрави договорот меѓу Израел и ОАЕ, Иран го оквалификува како срамен
Њујорк, 13 август 2020 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска го поздрави договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, додека Иран го оквалификува како „срамен“. Гутереш поздравува „секоја иницијатива што може да придонесе за унапредување на мирот и безбедноста на Блискиот исток“, изјави портпаролот на ООН откако Израел и Обединетите Арапски Емирати објавија дека постигнале договор. Историскиот договор ќе овозможи целосна нормализација на дипломатските односи меѓу двете земји, а тој беше постигнат со посредство на Соединетите американски држави и претседателот Доналд Трамп. Иранската новинска агенција Тасним, блиска до Револуционерната гарда, оцени дека договорот меѓу Израел и ОАЕ за нормализација на односите е „срамен“: Иранските верски водачи сè уште не се изјаснија за договорот.. Палестинското исламистичко движење Хамас, кое управува со Појасот Газа, оцени дека нормализацијата на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати „не помага на палестинската борба“ и дека тоа е „бланко чек“ за продолжување на израелската „окупација“. - Го отфрламе и осудуваме договорот. Тој не помага на палестинската борба и ние го сметаме за продолжение на негирањето на правата на палестинскиот народ, рече портпаролот на Хамас, Хазем Касим. ссм/

Остани поврзан