• недела, 22 декември 2024

Околу сто мјанмарски граничари пребегаа во Бангладеш по судирите со бунтовниците од армијата на Аракан

Околу сто мјанмарски граничари пребегаа во Бангладеш по судирите со бунтовниците од армијата на Аракан

Дака, 5 февруари 2024 (МИА) - Речиси стотина членови на граничната полиција на Мјанмар ги напуштиле своите позиции и пребегаа во соседен Бангладеш за време на судирите со локалните бунтовници, соопшти денеска граничната служба на Бангладеш.

Портпаролот на граничните сили на Бангладеш, Шарифул Ислам, изјави дека мјанмарските војници се засолниле во Бангладеш во изминатите два дена бегајќи од судирите со армијата Аракан во мјанмарската држава Ракин, која граничи со Бангладеш.

Според портпаролот, „вкупно 95 припадници на силите на Мјанмар влегле во земјата, по што тие биле разоружани и одведени на безбедно“.

Како што јавуваат локалните медиуми, од саботата се слушаат истрели од страната на границата на Мјанмар.

Армијата на Аракан е воено крило на етничкото малцинство Ракин, кое бара автономија од централната влада и е дел од сојузот на бунтовничките војски на етничките малцинства кои кон крајот на октомври почнаа офанзива против армијата, заземајќи територии во североисточниот дел на земјата, што граничи со Кина.

Алијансата на три братства, која се состои од Армијата Аракан, Армијата на Националната демократска алијанса на Мјанмар и Националната ослободителна армија на Танг, денеска соопшти дека армијата на Аракан вчера нападнала два гранични пункта во градот Маунгдау, во државата Ракин, и зазела еден од нив.

Конфликтот во Мјанмар трае од февруари 2021 година, кога војската со државен удар ја презеде власта од демократски избраната влада на Аунг Сан Су Чи, по што избија големи протести кои воената хунта ги потисна со сила. сд/

Остани поврзан