• петок, 22 ноември 2024

Означен почетокот на изградбата на нова детска градинка во населбата Стопански Двор во општина Ѓорче Петров

Означен почетокот на изградбата на нова детска градинка во населбата Стопански Двор во општина Ѓорче Петров

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) – Во населбата Стопански Двор во општина Ѓорче Петров денеска официјално беше означен почетокот на градбата на нова детска градинка која ќе има капацитет за згрижување на над 100 деца, на површина од 415 квадратни метри на приземје и 483 квадратни мерки на прв кат. Проектот е со вредност од 60 милиони денари и е финансиран од Владата.

Објектот ќе се гради по најмодерни стандарди и ќе опфаќа заедничка занимална, повеќенаменски простор, просторија за изолација и просторија за индивидуална работа, гардеробер, кујна, санитарни простории и отворена занимална. Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката.

-Секогаш кога се почнуваат вака убави работи, за мене претставува посебен ден и посебен момент и чест да бидам дел од сето тоа. Овде во општина Ѓорче Петров веќе во неколку наврати во последниве недели отпочнуваме вакви активност, капитални објекти, како што е и оваа детска градинка. Тука нема да се застане, ќе се продолжи во периодот којшто следи, изјави премиерот Христијан Мицкоски по поставувањето на камен-темелникот со кој се означи почетокот на градбата на објектот.

Тој нагласи дека како Влада ќе работат ваквите објекти да станат реалност и во другите делови од државата.

Министерот за труд, социјална политика и демографија на млади Фатмир Лимани истакна дека изградбата на градинката претставува двојна придобивка за нашата држава бидејќи, како што рече, родителите ќе можат да се вклучат на пазарот на трудот во моментот кога нивните деца ќе бидат сместени овде. 

-Како министер надлежен за детска заштита исклучително сум посветен на заштитата и образованието на децата. Верувам дека вложувањето во нивно образование и благосостојба е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме и како нација и како држава, посочи Лимани.

Со новата градинка, додаде, не само што ќе обезбедиме безбедно место за нашите најмлади, туку ќе создадеме основа за нивниот правилен раст и развој и успешно идно образование. 

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски истакна дека по првпат во општината се гради градинка на две нивоа, објект кој, како што посочи,  ќе ги задоволува целосно стандардите и нормите за згрижување на деца од најмала до претшколска возраст. 

-Овој простор којшто денеска го гледаме тука дополнително ќе биде холтикултурно уреден со паркови, ќе има доволен број на паркинг места, а сето она што ќе остане државно земјиште ќе биде адаптирано во спортско-рекреативен центар којшто ќе може да го користат жителите на оваа населба, посочи Стојкоски.

Информира дека општината аплицирала на последниот повик на Владата со целосна документација за изградба на уште една детска градинка која ќе биде во населбата Дексион.

-Со тоа целосно ќе ги реализираме нашите предизборни ветувања за две нови градинки во овој мандат во Ѓорче Петров. Дополнително работиме на обезбедување локациски услови за дополнителни сместувачки објекти за дечињата во општина Ѓорче Петров, рече Стојкоски. вј/ев/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан