• вторник, 24 декември 2024

Од почетокот на годината само едно труење со храна, засилените контроли продолжуваат

Од почетокот на годината само едно труење со храна, засилените контроли продолжуваат
Скопје, 10 август 2022 (МИА) - Вкупно 72 претставки за безбедност на храната од кои 12 за променети органолептички својства кај млечни и сувомесни производи, 10 со наводи за присуство на контаминенти, 10 за сомнеж во безбедноста на производите и осум за сомнеж за труење со храна, се поднесени до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во првите шест месеци од годинава. Сепак, податоците на Институтот за јавно здравје со кои располага АХВ, покажуваат дека досега е евидентиран само еден случај на труење со храна, неодамна, во фабриката „Кромберт“ во Битола. Како што вели за МИА директорот на АХВ, Николче Бабовски, продолжуваат засилените и вонредните инспекциски контроли, посебно во туристичките центри, зашто во ек е летната сезона. - Целта на засилените контроли е спречување евентуални труења и инфекции од храна кои лесно може да се случат како последица на високите температури. Со контролите се опфатени сите туристички центри, вклучително и планинските. Официјалните ветеринари и инспекторите вршат надзор на   хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе-барови, маркети и други оператори со храна, каде во овој временски период има зголемена фреквенција на туристи, нагласува Бабовски. Зајакнати контроли, дополнува директорот, се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места. Но, паралелно со контролите, се постапува и по поднесените претставки од страна на потрошувачите, а се спроведува и мониторинг програмата за безбедност на храната во рамки на која се земаат мостри од различен број производи и лабораториски се тестираат. Во првите шест месеци од годинава, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 22 564 надзори, при што утврдиле само 1 072 недоследности за кои се изречени соодветни мерки. Како небезбедни, од страна на инспекторите и операторите се уништени околу 54 тони храна, најголем дел или 53 070 килограми храна од животинско потекло. -Ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во однос на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, но и лично или на info@fva.gov.mk, истакнува Бабовски и додава дека безбедноста на храната е грижа на сите вклучени во системот, почнувајќи од државата и институциите, операторите со храна, но и потрошувачите. Во 2021 година беа пријавени две труења, а во 2020-та имаше само еден случај. Во 2019 година евидентирани се три инциденти, во 2018 година вкупно осум, а во 2017-та 10 труења со храна. - Потврда на функционалноста на интегрираниот систем за контрола на безбедноста на храната што го има имплементирано АХВ е фактот дека од година во година се намалува бројот на случаите на труења со храна на лица кои завршиле на болничко лекување, оценува Бабовски. мч/сп/

Остани поврзан