• сабота, 23 ноември 2024

Од петок нови правила за кафулињата во Грција, преку специјална апликација ќе се проверуваат сертификатите за вакцинација

Од петок нови правила за кафулињата во Грција, преку специјална апликација ќе се проверуваат сертификатите за вакцинација
Атина, 13 јули 2021 (МИА) – Преку специјалната апликација „Covid free“, сопствениците на ноќните клубови, кафулињата и сл ќе ги проверуваат сертификатите за вакцинација или прележан Ковид-19 на гостите, кои ќе бидат задолжителни за внатрешните делови, каде што дозволено е само седење, согласно новите одлуки на грчката Влада што од петок 16 јули стапуваат во сила и ќе важат до 31 август, јави дописничката на МИА од Атина. Надлежните министри, денеска, на прес конференција детално ги објаснија мерките што вчера ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгијадис, посочи дека внатрешните делови на местата за забава, ноќните клубови, рестораните, кината, театрите ќе работат само за вакцинирани или лица кои прележале Ковид-19, со 85 отсто од капацитетот, а за надворешните простори постои можност сопствениците да одберат дали ќе бидат „Covid free“ или пак мешани и за вакцинирани и за невакцинирани, додека пак стоењето ќе биде забрането и на отворено и на затворено. - Оваа година летото ќе биде лето на седнати, знам дека ова за многу изгледа апсурдно и тешко, но вирусот и пандемијата не ни оставаат простор да си играме со ова прашање, истакна Георгијадис и објасни дека поголемиот дел од позитивните случаи од изминатиот период се од забави и танцувања во ноќните клубови и кафулињата. Угостителските објекти, ќе имаат можност, доколку сакаат да постават и специјален знак дека се „Covid free“ или мешан простор, во зависност од нивната одлука, но само за надворешните делови, со оглед на тоа дека за внатрешните делови не постои избор. Овој знак, може да биде поставен во приватниот и јавниот сектор доколку персоналот е целосно вакциниран. Иако првично, пред две седмици беше најавено дека внатрешните делови ќе бидат по избор на сопствениците или „мешани“ или „чисти“, сепак Георгиадис објасни дека тогаш бројот на новозаразени беше околу 500, со надолен тренд, за разлика од сега кога бројот на нови случаи континуирано се зголемува, па затоа било одлучено, на затворено да биде дозволен влез само за вакцинирани. - Сакам на сите што се занимаваат со туризмот да им кажам дека е многу важно прашање, многу важно и за грчката економија да не се даде впечаток дека во Грција се губи контролата на пандемијата, рече Георгијадис и додаде дека е важно сликата за земјата да биде дека пандемијата е под контрола. Казни од 2.000 до 10.000 евра за прекршување на правилата на работа За прекршување на конкретните мерки, како што соопшти надлежниот грчки министер, предвидени се и строги парични казни и привремено затворање на локалите. При првото прекршување, доколку објектот е до 200 метри квадратни, казната е 2.000 евра, а над 200 метри квадратни, 5.000 евра и седум дена затворање. При регистриран  втор прекршок, без разлика на големината на објекрот, паричната казна е 10.000 евра и затворање на 15 дена, а при трето прекршување на мерките привремено се одзема дозволата за работа на 60 дена. Георгијадис објасни дека санкции може да има и по откако ќе биде направен прекршок, односно доколку постои материјал на социјални мрежи и сл што покажува неусогласување со правилата. Спортските натпревари во Грција само за вакцинирани На спортските натпревари, без разлика дали се одржуваат на стадиони или во затворени спортски сали, влез ќе биде дозволен само со сертификат за вакцинација или прележан Ковид-19. Ќе работат со 80 отсто од капацитетот, од кои пет проценти може да бидат деца, кои претходно ќе имаат негативен селф тест, а максимален дозволен број на гледачи е 25.000 за стадионите и 8.000 за затворените сали. Паралелно, Георгијадис соопшти дека претставниците на грчката армија кои се вакцинирани или ќе се вакцинираат, ќе добијат пет дена слободни денови. Преку апликацијата „Covid free GR“  ќе се врши проверка на сертификатите Министерот за дигитална политика на Грција Кирјакос Пиеракакис, како што јави МИА, на денешната прес конференција ја презентираше, специјалната апликација за која рече дека е „клучна за спроведување на мерките“. Преку „Covid free GR“, која е бесплатна и достапна за сите, ќе се врши верификација на сертификатите. При скенирањето на специјалниот код, ќе се појавува зелен знак за сертификатите за вакцинација и прележан Ковид-19, жолт во случај на негативен рапид или ПЦР тест и црвен знак што значи грешка или невалиден сертификат. За вакцинираните, потребно е да се поминати 14 дена од вакцинацијата, за оние кои прележале, тоа да биде во период до шест месеци од првиот негативен тест, за ПЦР тестот да биде во последните 72 часа, а рапид тестот во последните 48 часа. Пиеракакис објасни дека апликацијата е лесна за користење и не ги зачувува личните податоци. ср/ми/

Остани поврзан