• понеделник, 23 декември 2024

Од Голо Брдо бугарскиот амбасадор во Пустец со донација за болницата, потпретседателот на МАЕИ посетата ја оцени како притисок во време на пописот

Од Голо Брдо бугарскиот амбасадор во Пустец со донација за болницата, потпретседателот на МАЕИ посетата ја оцени како притисок во време на пописот

Тирана, 20 септември 2023 (МИА) - Амбасадорот на Бугарија во Република Албанија, Ивајло Киров по вчерашниот престој во областа Голо Брдо, Албанија денеска допатува во Пустец во времето кога во Албанија се одржува пописот на населението и домаќинствата и граѓаните ќе бидат прашани и за нивната етничка припадност, објавија албанските медиуми.

Потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, Ефтим Митревски оваа посета ја оценил како мешање и форма на притисок и оти „не е нормално на ваков начин Бугарија да се меша во внатрешните работи на Албанија“.

Според него „Бугарите не фигурираат во ниту еден документ на албанската држава и посетата на амбасадорот е целосно погрешна“.

-Ова е целосно ненормално, тоа е мешање во внатрешните работи на оваа држава, и посетата на бугарскиот амбасадор и посетата на потпретседателката на Бугарија. Ние сме албански граѓани, одблежуваме 100 години откако оваа албанска држава не признава нас Македонците. Во ниту еден документ на албанската држава не се појавуваат Бугари и посетата на бугарскиот амбасадор е сосема погрешна. Ова е притисок, вели Митревски, во изјава дадена во Пустец.

Ние, посочува, како граѓани на албанската држава, со македонски идентитет, бараме заштита од албанската држава.

-Албанската држава мора да излезе и да каже дека ние сме даночни обврзници, дека институционално сме признаени како Македонци и оти сме граѓани на оваа држава. Оваа земја организира попис за сите граѓани во Албанија да го знаат ефектот од реформите што се случуваат на територијата на Албанија и не може да се дозволи да се злоупотребуваат етничките заедници во оваа земја, рече Митревски.

На ова обвинување веднаш реагираше и самиот бугарски амбасадор Ивајло Киров, кој надвор од камерите, за донациите донесени во болницата во Пустец, изјавил дека тие не се поврзани со пописот. Според него, Бугарија не се бори за бројки во Пустец.

-Не сакаме да се караме со нашите браќа од Северна Македонија, не сме загрижени за пописот, но мора да го сменат начинот на кој луѓето размислуваат за Бугарија, рекол тој. вт/ац/

Фото: Притскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан