Одржан прв дијалог на пратениците од Думата и ЕП за Украина и соработката со ЕУ
- Пратениците од Државната Дума на Русија и Европскиот парламент одржаа видео-конференција на која разговараа за конфликтот во Украина и можностите за обновување на соработката на Руската Федерација со европските држави, соопшти прес-службата на Комитетот на Думата за меѓународни прашања.
Москва, 1 октомври 2025 (МИА) – Пратениците од Државната Дума на Русија и Европскиот парламент одржаа видео-конференција на која разговараа за конфликтот во Украина и можностите за обновување на соработката на Руската Федерација со европските држави, соопшти прес-службата на Комитетот на Думата за меѓународни прашања.
Учесниците на состанокот беа членови на Комитетот за меѓународни прашања на руската Државна Дума и пратеници од Европскиот парламент од Австрија, Германија, Бугарија и Луксембург, пренесува Риа Новости.
Претседателот на комитетот Леонид Слуцки оцени дека станува збор за „делумно одмрзнување на контактите“ и обновување на дијалогот помеѓу Думата и ЕП кој беше прекинат во 2014 година.
- Ова е прва средба на пратениците од Европскиот парламент и Државната Дума по 11 години. Сакам да изразам благодарност за храброста и подготвеноста за отворен дијалог, рече Слуцки.
Европратениците, како што се наведува, за време на состанокот ги отворија прашањата за конфликтот во Украина и можните начини за негово решавање, а според соопштението, пратениците од ЕП се интересираа и за ставот на руските пратеници за обновување на соработката на Русија со европските земји, вклучувајќи економска и трговска област.
Слуцки додаде дека руските пратеници се подготвени за отворен, рамноправен и меѓусебно почитуван дијалог.
- Денешниот состанок претставува почеток на нов, редовен формат на комуникација, кој веќе може да се смета за повторно воспоставен, заклучи Слуцки. јт/
Фото: Дума