• понеделник, 13 јануари 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Одржан последниот од серијата настани „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“

Одржан последниот од серијата настани „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Во Скопје денеска се одржа последната од серијата дискусии на тема „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“, која според организаторите, резултирала со предлагање практични решенија и препораки, но и со подигнување на свеста околу потребите и предизвиците на демократското полициско работење.

Како што информираат организаторите од Евротинк-Центар за европски стратегии, тематските дискусии се одвиваа во текот на февруари и март оваа година во секој од осумте плански региони во државата - Куманово, Велес, Гостивар, Битола, Охрид, Штип, Струмица и Скопје, и се насочени кон разгледување на предизвиците поврзани со транспарентноста, отчетноста и видливоста на полицијата во локалните заедници. 

Крајната цел е да се одговори на потребата од зголемен дијалог и комуникација кои би придонеле кон подобрени јавни политики во работа на полицијата, а во соработка со граѓаните. На дискусиите учествуваа локалните засегнати страни, преку комуникација со различни цивилни локални и национални актери, но и полициски структури.

Од Евротинк потенцираат дека тематските дискусии имаа за цел да ги разгледаат поголемите предизвици со транспарентноста и отчетноста на полицијата во локалните заедници.

Оваа активност се одржа во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста и отчетноста на полицијата во Република Северна Македонија“ за чие спроведување Евротинк потпиша Меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.

Активноста е поддржана од Националниот фонд за демократија на Соединетите Американски Држави (National Endownment for Democracy - NED).бт/ев/

Фото: Евротинк

Остани поврзан