• сабота, 23 ноември 2024

Одржана конститутивна седница на Работниот комитет за европска интеграција

Одржана конститутивна седница на Работниот комитет за европска интеграција
Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ на својот профил на Фејсбук објави дека денеска е одржана конститутивна седница на Работниот комитет за европска интеграција. - Денеска ја одржавме Конститутивната седница на Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ), тело кое повеќе од две децении е дел од координативниот механизам на Северна Македонија со Европската Унија, сега со една нова дополнителна функција со оглед на отпочнувањето на процесот на пристапни преговори за членство во Европската Унија, наведе Маричиќ во објавата. Вицепремиерот посочува дека имајќи предвид оти билатералниот скрининг е најважната активност која се спроведува во моментов, пред државните секретари ја потенцирал важноста за што е можно подобра подготовка за настапот на македонските делегации. - Од тоа ќе зависи и оценката на Европската Комисија во извештаите за билатералните скрининзи и препораките за дефинирање на одредници за отворање на кластерите. Нека ни е успешна работата, потенцира Маричиќ во објавата. Како што соопшти Секретаријатот на европски прашања, целта на Комитетот е координација на подготовката за пристапните преговори, пред почетокот на билатералниот скрининг. - Ова тело, како дел од преговарачката структура се грижи за квалитет и навременост на подготовките за преговори. Препознавајќи ја важноста и комплексноста на пристапните преговори, Секретаријатот за европски прашања на чело со вицепремиерот Маричиќ, фокус дава на координирано дејствување во текот на пристапните преговори со цел да се избегне евентуална нефункционалност на системот, се наведува во соопштението. На седницата Маричиќ нагласи дека по одржувањето на првата Меѓувладина конференција и отворањето на пристапните преговори не смеат да се случат погрешни или непрецизни политички одлуки, заради слаба или неквалитетна подготовка, бидејќи одлуките се неповратни и остануваат трајно запишани како наши преговарачки позиции. Маричиќ, кој воедно е и претседател на Работниот комитет за европска интеграција, на седницата укажа на важноста навремено да се реализираат сите обврски преземени со заклучоците кои се усогласуваат со Европската комисија за време на состаноците на поткомитетите и Специјалната група за реформа на јавната администрација. Тој најави дека за да се овозможи следење на реализацијата на овие обврски, СЕП ќе подготви соодветна матрица во која ќе бидат внесени сите обврски, надлежни институции и рокови за постапување. - Како што е познато Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува на сила се до членството на Северна Македонија во Европската Унија и нејзиното спроведување се следи преку соодветните поткомитети и Специјалната група за реформа на јавната администрација. Важноста на спроведувањето на ССА е уште поголема во контекст на пристапните преговори, особено затоа што согласно Преговарачката рамка напредокот во преговорите ќе се мери и според исполнувањето на обврските од ССА, посочи Маричиќ. Во Работниот комитет за европска интеграција членуваат државните секретари на министерствата и Групата за преговори, чие формирање е во процес, а на денешната седница беше усвоен и Деловникот за работа, според кој ова тело секој последен петок во месецот ќе се состанува, а по потреба и почесто. Овој состав на РКЕИ се формира согласно новата Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на земјава во ЕУ, а надлежностите се дефинирани во членот 8 од Одлуката. сп/

Остани поврзан