Одложено судењето по тужбата на Блејк Лајвли против Џастин Балдони
- Тоа првично беше закажано за на 9 март 2026 година, но Судот одлучи да го помести за 18 мај, поради згуснат распоред на главниот судија.
Лос Анџелес, 10 декември 2025 (МИА) - Судењето по тужбата на Блејк Лајвли за сексуално вознемирување против Џастин Балдони е одложено. Тоа првично беше закажано за на 9 март 2026 година, но Судот одлучи да го помести за 18 мај, поради згуснатиот распоред на главниот судија, објави „Пипл“.
Имено, судијата објасни за време на сослушувањето одржано по завршувањето на фазата на собирање докази дека има закажано две кривични судења наредниов период и истакна дека „колку и да е важен овој случај, кривичните случаи имаат приоритет“.
Лајвли поднесе тужба против Балдони во декември лани, тврдејќи дека тој сексуално ја вознемирувал додека го снимале филмот „Завршува со нас“. оптужениот глумец и режисер ги отфрли обвинувањата.
Во јануари, Балдони (41) поднесе противтужба за отштета од 400 милиони долари против Лајвли, нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс и нивниот публицист, обвинувајќи ги за клевета и изнуда. Балдони во тужбите тврдеше дека Рејнолдс и Слоун дале дополнителни изјави што го поврзуваат со сексуално вознемирување и дека „Њујорк тајмс“ објавиле обвинувања за наводна кампања за клевета против „Вејфарер студиос“.
Во јуни, Судот ја отфрли противтужбата за клевета, како и неговата тужба од 250 милиони долари против „Њујорк тајмс“.
Судијата сметаше дека Балдони и неговата продуцентска куќа „Вејфарер студиос“ не доставиле доволно докази дека Лајвли е одговорна за какви било изјави вон оние содржани во нејзиниот исказ до Калифорнискиот оддел за граѓански права, а коишто според надлежните, имаат законска привилегија. Балдони и неговите сообвиненија имаа можност да ја дополнат својата тужба, но, според пресудата донесена минатиот месец, тие одлучија да не го сторат тоа, по што судијата донесе конечна одлука и го затвори тој дел од случајот. си/ссм/
Фото: МИА архива