• петок, 22 ноември 2024

Одземен пратеничкиот имунитет на Бериша, се отвора патот за притвор

Одземен пратеничкиот имунитет на Бериша, се отвора патот за притвор

Тирана, 21 декември 2023 (МИА) - Албанскиот парламент со 75 гласови „за“, оние на владејачкото мнозинство, на денешната пленарна седница му го одзеде пратеничкиот мандат на поранешниот албански претседател и лидер на побројното крило на опозициските демократи, Сали Бериша(79).

Со ова одлука на законодавниот дом се отвора патот, Специјалното обвинителство и судот против организиран криминал и корупција да одредат мерка затворски или домашен притвор. Поради возраста, мерката која ќе му биде определена, повеќе од сигурно е дека ќе биде домашен притвор, бидејќи законот не дозволува затворски притвор за лица повозрасни од 70 години.

И покрај неколкупати повторениот повик од страна на претседателката на парламентот Линдита Никола да го оствари правото на говор, Бериша тоа го одби.

Седницата, на која експресно беа усвоени повеќе одлуки, мина во веќе познатата хаотична атмосфера, со блокирање на собраниската говорница, палење димни бомби, извикување недолични зборови од страна на опозициските пратеници-приврзаници на Бериша.

Седницата се одржа под засилени безбедносни мерки, во кои се ангажирани околу илјада полициски службеници и припадници на Националната гарда, кои се распоредени во и околу објектот на албанскиот Законодавен дом.

Пратениците од владејачкото мнозинство во собранието влегоа два часа пред почетокот на седницата, по претходната најава дека опозицијата ќе го блокира влезот.

Пред почетокот на седницата од собраниската сала преку видеообраќање Бериша порача: Или денес, или никогаш, денес е ден за битка.

-По неуставна одлука, ова е грозен чин, вистинско злосторство, ова злосторство никогаш не може да ја победи опозицијата, во Албанија има моќна опозиција која цврсто стои против оваа власт која ја воспостави својата диктатура, против оваа банда поврзана со соросовата мафија, опозицијата денес стои повеќе од кога било, во соборувањето на овие криминалци кои ги уништија Албанците повеќе од кој било освојувач во историјата овие министри, премиер како пијавици секој ден секоја недела ја цицаат крвта на најсиромашните. Ги чека пресудата на големиот народ. Нема сила на светот со добра волја да ги спречи Албанците. Денес или никогаш. Денес е ден на битка, порача тој.

Во меѓувреме пред парламентот собрани се поголем број членови и поддржувачи на крилото на Бериша „Обнова на ДП“. вт/сд/

 

Фото: Бериша ФБ

Остани поврзан