• среда, 25 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
7 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 март. Денеска е Благовештение. Празникот Благовештение е еден од најголемите празници на Христовата Црква. Тоа е момент кога се слави веста за повторното воспоставување на единството на Бога и човекот. Момент кога пред нас повторно се отвораат еднаш затворените врати на вечниот и блажен живот. Празникот е конкретно поврзан со оној настан кога архангелот Гаврил и ја соопшти веста на девојката Марија дека ќе зачне со силата на Светиот Дух и ќе го роди Христос, исцелителот и спасителот на човештвото, кој повторно ќе ја отвори можноста за вечен живот во постојана заедница со Бога, можност што човекот ја изгуби кога наместо Бога го одбра гревот и наместо животот - смртта. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Иван Крстител де ла Сале. Бил роден во 1651 година во Ремс, Франција. Својот животен век го проживеал за време на кралот Луј Четиринаесетти. Во Франција во тоа време се создавал пролетеријатот на граѓанскиот сталеж кој живеел сиромашно, додека благородниците живееле во големо богатство. Благородничкиот син, Иван де ла Сале им се посветил на децата на пролетерите, за да им даде основни знаења и да ги воведе во верата. Свети Иван го основал редот на Училишните браќа кој се грижел за воспитувањето на младите луѓе. Умрел во 1719 година. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:12 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 24 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна ###

Остани поврзан