Од верските календари
- 23 јуни 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 10 јуни. Денеска е Св. свештеномаченик Тимотеј.
23 јуни 2021 (МИА)
ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 10 јуни.
Денеска е Св. свештеномаченик Тимотеј.
Во четвртиот век свети Тимотеј беше епископ на градот Пруса (во денешна Турција). Имаше достигнато таква внатрешна чистота, што Бог му даде дар на чудотворство за помош на сите што беа болни или се наоѓаа во некоја неволја. Епископот на Пруса беше затворен за време на повампирувањето на паганството во Рим за владеењето на император Јулијан (361-363), кого црквата го нарече Отстапник. Имено, овој беше христијански воспитаник, па дури покажуваше и наклонетост кон монаштвото, но кога дојде на престолот не само што заборави на се, туку и се натпреваруваше со претходните гонители на христијанството. А кога го затвори Тимотеј, многу христијани доаѓаа во затворот да се поучат од мудроста на овој епископ. Кога слушна за тоа, Јулијан нареди да го погубат, што и се случи во 362 година. Свети Тимотеј, за сведоштво пред светот, и по својата смрт продолжи да чудотвори преку своите мошти.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е Св. Јосип Кафасо.
Бил роден во 1811 година, во Пиемонте, Италија. Како свештеник бил исповедник на свети Иван Боско, кој за него рекол „Нему му должам се. Тој ми беше советник и помошник“. Свети Јосип умрел во 1860 година.