• сабота, 29 јуни 2024

Од верските календари

Од верските календари
2 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 март. Денеска е Св. маченици Јован, Сергеј, Патрикиј и други. Близу Ерусалим се издига еден стар и многу познат манастир во христијанскиот свет. Тоа е манастирот Свети Сава. Во седмиот век во овој манастир живееја монасите Јован, Сергеј, Патрикиј и многу други, делејќи ја тогашната тешка судбина на жителите околу Ерусалим кои беа постојано напаѓани од Сарацените. Овие не штедеа ништо живо. Се случи Сарацените да го нападнат и манастирот на Велики Четврток. Тие влегоа во манастирот и од монасите бараа злато. Кога овие одговорија дека единствен имот им се старите облеки што ги носеа, Сарацените се разгневија и ги затворија во пештерата во која некогаш се подвизуваше Свети Сава. Потоа нафрлија дрва на влезот и ги задушија монасите со чадот од дрвата. Од сите монаси што тогаш пострадаа познати се имињата само на споменатите тројца. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Фрањо Паолски. Роден е во 1416 година во Паоло, во Калабрија. Во 1430 година го напуштил своето семејство бидејќи сакал во самотија да го слави Господ. Размислувал за Божјата добрина, убавина и милосрдие. Не можел да живее сам бидејќи гласот за неговата светост брзо се проширил меѓу луѓето. Тој заедно со 11 луѓе кои му се придружиле, изградиле црква за богослужба. Набрзо се зголемил бројот на луѓето кои сакале да живеат пустински живот. Свети Фрањо Паолски умрел во Франција, во 1507 година. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:06 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 34 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан