• понеделник, 23 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
30 јуни 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 јуни. Денеска е Св. маченици Мануил, Савел и Исмаил. Овие тројца беа браќа, воведени во христијанството од мајка им и крстени. Живееја во времето на персискиот цар Аламундар и римскиот Јулијан (од црквата наречен Отстапник) и беа високи чиновници на персискиот двор. Како такви беа испратени кај Јулијан да договорат мир меѓу двете царства. Во тоа време, во Халкидон Јулијан прославуваше некоја паганска свеченост со многу жртви. Додека траеше свеченоста, тројцата персиски пратеници остануваа во своите одаи. Царот ги повика и побара да земат учество во свеченоста, а овие, како христијани, одбија да се поклонуваат на мртвите статуи. Јулијан ги затвори, ги стави на маки и ги погуби. Кога слушна за ова, Аламундар собра војска и го порази Јулијан. Во борбите загина и самиот цар. А во свое време царот Теодосиј Велики во Цариград подигна црква посветена на овие тројца маченици. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. првомаченици на Римската католичка црква. Како што пишуваат римските историчари Тацит и Светониј, царот Нерон наредил да биде запален Рим. Тој ги обвинил христијаните дека тие го запалиле градот. Тие живееле според Божјите заповеди и ги опоменувале тие кои не живееле како нив. Затоа царот Нерон наредил голем број христијани да бидат измачувани. Меѓу римските маченици се вбројуваат: Ловро, Александар, Сиксто, Фабијан, Марчелин, Агнеза и други. ###

Остани поврзан