• петок, 22 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
15 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 април. Денеска е Преподобен Тит Чудотворец. Историската сцена на која се појавува свети Тит е осмиот век во Византија. Византискиот осми век е речиси во целост одбележан од иконоборечката криза. Се случува многумина од имераторите да застанат во заштита на ереста на иконоборството, а исповедниците на православното учење во поглед на почитувањето на иконите биле и по неколку пати прогонувани во најоддалечените краишта на имеријата, како што се менувале царевите. Во овој период православието се чувало меѓу манастирските ѕидини така што повеќето негови заштитници се од редот на монасите. Во оваа општа слика се вклопува и свети Тит кој уште од млади години се повлекол од светот, многу се подвизувал и достигнал таква срдечна чистота што бил удостоен со дар да чудотвори. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Велики Петок. На денешен ден, пред две илјади години, Исус Христос со својата мака и смрт на Крстот ги ослободи луѓето од гревовите. Со својата смрт на Крстот, Исус покажа совршена послушност кон својот Татко, а кон нас луѓето, со тој чин покажа голема љубов. По гревот на Адам човекот бил оддалечен од Господ, својот Создавач и ја изгубил можноста да живее вечен живот со Господ во рајот. Христос како Нов Адам и жртва на Крстот, како Глава на човештвото, повторно ги привлече луѓето кон Господ и им стекна вечен живот. Светото писмо во сите четири евангелија зборува за Спасителската мака и Исусовото трпение на Крстот, за нашето спасение. Со жртвувањето на Крстот, Исус ни покажува дека не сака. Да му возвратиме и ние со љубов, живеејќи според Божјите заповеди, не навредувајќи го никогаш повеќе со своите гревови. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:21 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 8 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан