Одбраната на Рашковски побара ослободителна пресуда за случајот „Софтвери“
- Мотивот колку што беше докажување на невиноста, толку беше и докажување на еден нов начин на водење на судска пракса, изјави денеска обвинетиот Драги Рашковски во своите завршни зборови за случајот „Софтвери“. Во Основниот кривичен суд Скопје, Рашковски денеска детално ги образложи завршните зборови и ги изнесе аргументите со кои ги побива, како што рече, „седумте теории на Обвинителството“.
Скопје, 12 јуни 2023 (МИА) - Мотивот колку што беше докажување на невиноста, толку беше и докажување на еден нов начин на водење на судска пракса, изјави денеска обвинетиот Драги Рашковски во своите завршни зборови за случајот „Софтвери“.
Во Основниот кривичен суд Скопје, Рашковски денеска детално ги образложи завршните зборови и ги изнесе аргументите со кои ги побива, како што рече, „седумте теории на Обвинителството“.
Рашковски се осврна детално на изведените докази за кои имаше забелешки за нивната исправност. Тој ги издвои сведочењата на вештите лица кои, како што рече, утврдија дека сите постапки се водени согласно Законот за јавни набавки.
- Вештите лица на одбраната и вештите лица на Обвинителството, заклучуваат дека постапките се водени согласно Законот за јавни набавки, рече тој.
Во своите завршни зборови, обвинетиот Рашковски изнесе ставови за побивање на дигиталните докази, како и анализа на специфичните докази на Обвинителство.
- Во целиот овој процес, одбраната беше таа која напаѓаше, а Обвинителството на таквите напади немаше никаков одговор. Девизата на одбраната е нападот е најдобра одбрана, стои во писмените завршни зборови на Рашковски кои тој ги проследи до Судечкиот совет и јавноста.
Тој побара Судот да донесе, како што рече, „правична одлука“.
Неговиот адвокат, Владимир Доневски, во завршните зборови посочи дека Обвинителството со ниту еден доказ не докажало дека Драги Рашковски не ги извршил своите обврски во извршувањето на четирите јавни набавки.
Тој истакна дека од обвинението изостануваат сите законски обележја за свест и намера за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, што му се става на товар на обвинетиот Рашковски.
- Судот оваа постапка може да ја заврши само на еден начин, а тоа е донесување на пресуда со која обвинетиот ќе се ослободи од обвинението, бидејќи Јавното обвинителство не покажа дека обвинетиот ги сторил кривичните дела надвор од разумното сомнение, рече адвокатот.
На денешното рочиште завршни зборови даде и одбраната на обвинетиот Даниел Станчев, која, исто така, побара ослободителна пресуда.
Според обвинението, првообвинетиот Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева. ар/сп/