• недела, 17 ноември 2024

Одбраната за случајот „Диво Насеље“ побара од Врховен суд укинување на пресудата и враќање на повторно судење

Одбраната за случајот „Диво Насеље“ побара од Врховен суд укинување на пресудата и враќање на повторно судење
Скопје, 7 јули 2021 (МИА) – Поради суштествени повреди на кривичната постапка пред првостепениот и второстепениот суд, погрешно утврдената фактичка состојба и повреда на кривичниот законик, одбраната на обвинетите за случајот „Диво Насеље“ денеска, на јавна седница пред Врховниот суд побара укинување на пресудата и случајот да се врати на повторно судење или таа да се преиначи во ослободителна. Пред Врховниот суд за предметот пристигнале девет жалби, од кои јавна седница побарале седум лица. На денешната јавна седница присуствуваа четворица, додека тројца писмено го известиле судот дека не сакаат да присуствуваат. Адвокатот Насер Рауфи, кој пред Врховниот суд зборуваше за двајца од обвинетите Амди Красниќи и Дем Шеху, укажа на повеќе суштествени повреди на кривичната постапка од Кривичниот и Апелациониот суд. -  Не беше дозволено одбраната да поставува прашања на сведоци предложени од другите бранители. Не се прифати предлогот да се повикаат и сослушаат вештите лица кои ги изработиле вештачењата, со што беше повредена еднаквоста на оружјата, изјави Рауфи. Рауфи, во изјава за медиумите пред Врховниот суд, појасни дека Али Ахемети го спомнал со цел да докаже дека Красниќи и Шеху воопшто не се организатори на овој немил кривично правен настан. -  Јас упатив на разговорот на Алсат. Самиот во интервју господинот Али Ахмети кажа дека разговарал и доколку ни беше дозволено тој разговор да биде дел од доказите ќе се утврдеше дека Красниќи и Шеху воопшто не биле организатори на настанот. Сметам дека овие две казни доживотен затвор се неосновани, бидејќи се знае кој командувал со акцијата – тоа се починатите Бег Ризај и Мирсад Дрецај, изјави Рауфи. Адвокатот Љупчо Веселиновски, бранител на Фадил Безулахи, рече дека неговиот клиент одбил да присуствува на денешната јавна седница, со зборовите „случајно влегов во циркус на првостепениот и второстепениот суд и не сакам повеќе да бидам дел од циркус“. Веселиновски, пред Врховниот суд, рече дека групата била лоцирана и цело време се пратела уште од село Гошинце, дека полицијата знаела каде се и никој не преземал ништо, кога групата доаѓа во куќата на Фадил во Диво Насеље. -  Нема докази дека Безулахи е терорист и сторил такво нешто. Барам укинување на оваа пресуда и враќање од почеток со отстранување на сите недостатоци од постапката, изјави Веселиновски. Во изјава за медиумите, Веселиновски, посочи дека тие како одбрана прстот го впериле не само во МВР, туку во целиот безбедносен систем, бидејќи, како што рече „МВР знае, а дејствува во погрешен правец. Безбедносните сили се праќаат на погрешно место во село Отља, а групата се наоѓа во Диво Насеље“ -  И тогаш требаше некој да се свести и сега, дека ако има Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 2 мај 2015 година во спортската сала во Куманово, на два километри од Диво Насеље, е дискутабилно, односно создава индиции дека безбедносните сили требало и морало да знаат дека таа група е таму и да превенира, изјави Веселиновски. Интересно е, посочи Веселиновски, што во медиумите се зборувало за пари кои биле дадени на раководителите на групата, како и дека некои тврделе дека имаат и докази. - Еден Стојанче Ангелов овде во близина на една бомба тврдеше дека имал докази. И сега, заради тие позиции. Тој, сега е негде во власта, некој е претседател, а некој е директор на Државна безбедност. Сите тие работи, откако дојдоа во позиции на власт, се заќутеа. Колку пари се дадени во тоа време, за што се дадени и на кого се дадени и кој ги дал за да се организира оваа ситуација, изјави Веселиновски. Бранителот Мефаиљ Арслани, образложувајќи ја жалбата пред Врховниот суд, рече дека имало суштествени повреди, како и погрешни и нецелосно утврдување на фактичката состојба. -  Никој од овие дечки нема да каже дека не бил во Диво Насеље, но ако само меѓу нив ги бараме организаторите на овој настан, тоа е погрешно. Овие лица се изманипулирани, изјави Арслани. Во престрелка во мај 2015 година во кумановската населба Диво Насеље, животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и десет членови на вооружената група. За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37. Основниот кривичен суд во ноември 2017 ја објави првостепената пресуда, а Апелација ја потврди во јули 2019 година. Од 37 обвинети за „тероризам“ и „терористичка организација“, 33 лица беа осудени за делата (седум на доживотна казна затвор, а останатите 26 лица на казни затвор од 12 до 40 години), а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. аа/ац/

Остани поврзан