Одбележување 50 години од збратимувањето меѓу Скопје и Темпи
- Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на градот Темпи од Аризона Кори Вудс, денеска одржаа онлајн средба по повод 50-годишнината од збратимувањето меѓу двата града,
Скопје, 13 јули 2021 (МИА) - Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на градот Темпи од Аризона Кори Вудс, денеска одржаа онлајн средба по повод 50-годишнината од збратимувањето меѓу двата града, на која акцентот бил ставен на плодната соработка што ја негуваат двата града, како и влијанието на пандемијата од Ковид 19 врз градовите и справувањето со климатските промени.
Како што соопштија градските власти, соработката меѓу градовите Скопје и Темпи е воспоставена на иницијатива на градот Темпи во јули 1971 година. Скопје е првиот град од источна Европа со кој се има збратимено градот Темпи.
Шилегов, како што информираат од Град Скопје, на средбата потсети на најзначајните активности што ги презема Град Скопје за поддршка на граѓаните во екот на пандемијата.
- Излеговме во пресрет на Министерството за здравство и преку нашите јавни претпријатија инвестиравме во подобрување на пристапноста во главниот клинички центар преку изградба на нови пристапни улици и уредување на паркинг-просторот, како и преку подобрување на пристапноста преку реконструкција на улиците до повеќе ковид центри. Реализиравме многу проекти за подобрување на движењето на граѓаните преку изградба на нови велосипедски и пешачки патеки, како и ослободување на јавниот простор и негова пренамена за пешаци и велосипедисти. Град Скопје ја намали таксата за работа на фирмите (фирмарина) и се откажа од присилната наплата на истата во време на пандемијата. Град Скопје беше првата институција во Европа која реализира проект за поддршка на културните работници, кои настапуваа на отворено и нивните настапи се пренесуваа преку интернет. Станува збор за проектот „Култура во време на корона“ кој е финансиска поддршка за културните работници кои немаат некаков формален работен однос со некое тело и институција, а од друга страна се даде содржина и забава за граѓаните во време на спроведените мерки за забрана за движење. Во 2020 и 2021 година преку овој проект се организираа над 50 настапи со повеќе од 200 изведувачи, а истите беа проследени од над 500.000 гледачи на социјалните мрежи и илјадници балкони во осум различни општини во Скопје. Сличен проект реализиравме и од областа на спортот - седум добро познати инструктори во различни домени на спортот за граѓаните понудија онлајн видеа со вежби за одржување на телесната форма за време на вонредните услови, објасни Шилегов.
Во врска со справувањето со климатските промени, Шилегов, се вели во соопштението, истакнал дека изминатиов период направени се голем број анализи и студии и реализирани се голем број проекти за подобрување на состојбите.
- Скопје е првиот град во Северна Македонија кој се приклучи во Зелените градови на ЕБОР и го започна развојот на Акцискиот план за зелен град во 2020 година. Преку финансирање од ЕБОР и меѓународни донатори, планот ќе одговори на најитните предизвици за климатските промени и животната средина, вклучително и енергетската ефикасност на јавните објекти, градскиот превоз, водата и отпадните води, а со цел намалување на локалното загадување, ќе се подобри енергетската ефикасност и искористеноста на ресурсите и ќе се промовира прилагодувањето на климатските промени. Меѓу бројните активности на ова поле ќе ги издвојам - воведување на нов алтернативен јавен градски превоз преку воведување на БРТ систем на брз автобуски превоз во Скопје, што претставува модел на јавен транспорт како најдобро, најбрзо, најбезбедно и најисплатливо решение за Скопје; набавка на 33 еколошки автобуси МАН за потребите на ЈСП кои не го загадуваат воздухот; поставување ново еколошко и енергетско ефикасно јавно улично осветлување преку проектот „Паметен град“ (Smart city); изградени се два нови зелени покрива (ГТЦ и Дом на култура „Кочо Рацин“), како и изградба на трет на покривот на ТЦ „Мавровка“; изработени се две студии и основни проекти за зелени коридори по теченијата на реките Серава и Лепенец; реализација на активности од проектот за справување со ефектите од урбаните топлотни острови - во соработка со УНДП и ФИНКИ, направена е детална термална мапа на Град Скопје и дадени се голем број препорачани мерки и активности кои треба да се реализираат од страна на Град Скопје и општините во Скопје, рече Шилегов, се вели во соопштението од Град Скопје.
Од 1972 година, кога е воспоставена соработката па до денес, секоја година (со исклучок нa неколку години) во летниот период, успешно се одвива реципрочна размена на средношколци меѓу двата град. Во изминатите 50 години околу 190 ученици од Скопје биле дел од оваа програма чија цел е младите да се запознаат, да учат едни за други и да негуваат долготрајни пријателства.
Во 1974 година е потпишан Протокол за соработка меѓу Универзитетот „Свети Кирил и Методиј" од Скопје и Државниот универзитет на Аризона, во Темпи. Досега, во неколку наврати дела на млади уметници од Скопје учествуваа на меѓународната изложба во Темпи. Во 2003 година градот Темпи додели донација на 240 инвалидски колички на градот Скопје. аа/сп/