• понеделник, 23 декември 2024

Одбележан 28 Јули, Светскиот ден на заштита на природата - почна кампањата „ Делувај сега, за природата!“

Одбележан 28 Јули, Светскиот ден на заштита на природата - почна кампањата „ Делувај сега, за природата!“

Скопје, 28 јули 2024 (МИА) - Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по повод одбележувањето на 28 Јули, Светскиот ден на заштита на природата, со низа активности во парк - шумата Гази Баба, го најави официјалното започнување на кампањата: „Делувај сега, за природата!“.

Тој заедно со група ентузијасти и поборници за здрава животна средина, со пример покажаа како треба да се развиваат позитивните однесувања во природата која што значи живот, подобро здравје, место за релаксација и одмор, а воедно е и дом на богат животински и растителен свет. На денешниот настан беа засадени дрвни насади, поставени канти за отпадоци, а обновена беше и бојата на реквизитите на игралиштето.

Според Министерството за животна средина и просторно планирање, Гази Баба е ретко место во главниот град на државата што на урбаните заедници им овозможува зелен простор за одмор, за спортување, за прошетки и за играње на најмладите во природа и на чист воздух.

Кампањата ќе се спровдува преку различни активности во текот на целата година и има за цел да поттикне позитивни и одговорни однесувања во природа, да го поттикне волонтерството и грижата за природата, бидејќи грижата за животната средина мора да биде императив на секој од нас.  

-Природата е нашето најголемо богатство и наша должност е да ја зачуваме за идните генерации, изјави Меџити.

Притоа тој најави дека во текот на едногодишната кампања ќе се спроведат низа конкретни и ефекасни активности, како што се садење на дрвни насади за обновување на зеленилото во урбаните и руралните средини на територијата на целата држава, спроведување на редовни акции за чистење на реките, шумите и парковите со масовно вклучување на заедниците и волонтерите, мотивирање на селектирањето и рециклирањето на отпадот преку развивање на добри практики и понуда на нови и соодветни инфраструктури за сепарација на отпадот.

Исто така, превидено е спроведување на едукативни програми во училиштата и заедниците, за подигнување на свеста за важноста на заштитата на животната средина и одржливиот начин на живот и подобрување на законодавството за животната средина преку зајакнување на постоечките закони, усвојување нови политики што ја штитат и зачувуваат природата.

-Во овој контекст, „Делувај сега за природата“ има за цел да донесе одржлива и видлива промена во начинот на кој ја третираме и управуваме нашата животна средина, рече на настанот Меџити и побара поддршка и од јавноста.

Тој е уверен дека „Делувај сега за природата“ ќе биде успешна приказна, но и доказ за посветеноста  кон животната средина и извор на гордост за секој граѓанин на оваа земја. Со мали дела, според него, може да се постигнат големи промени. сст/дма/

 


 

 

 

 

 

 

Остани поврзан