• среда, 03 јули 2024

Одбележан 20 Септември – Денот на Општина Ѓорче Петров

Одбележан 20 Септември – Денот на Општина Ѓорче Петров

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Со положување цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 20 Септември – Денот на општината.

Како што соопшти Општина Ѓорче Петров, бројни делегации присуствуваа на настанот во чии рамки се одржа и свечената седница на Советот на која беа доделени годишна награда, признанија и благодарници за особен придонес. Годишната награда на Општина Ѓорче Петров ја понесе Горјан Славески – Гого, освојувач на светска титула во бокс без ракавици (BKFC - Bare Knuckle Fighting Championship).

Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека Општина Ѓорче Петров низ годините, особено во последниот период, стана синоним за развој.

-Западната порта на градот, нашата гордост, денеска е една успешна приказна која одамна го напушти стереотипот за помалку развиена општина или општина со поинаков менталитет. Напротив, моите ѓорчепетровци се братски народ кој се уште го негува маалскиот и комшиски живот, си помага и се почитува, нагласи Стојкоски.

Општината, додаде, бележи и раст на проекти кои првенствено имаат за цел инфраструктурно да ја подобрат состојбата.

-Решаваме децениски проблеми со лоша инфраструктура, остваруваме капитални чекори, изградивме нова фекална и атмосферска мрежа, ги подобруваме условите во училиштата, градиме патна инфраструктура, помагаме на родители на новороденчиња и првачиња, финансиски стимулираме спортисти и спортски клубови... Се обидуваме да бидеме подобри во секој поглед и ова е само дел од она со кое секојдневно се носиме. Лично мене, но и на мојата администрација ни претставува задоволство да работиме за целосно остварување на нашата парола – „модерно, хумано и урбано Ѓорче“, нагласи градоначалникот на Ѓорче Петров.

На настанот се обрати и претседателот на Советот на Општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска која потенцраше дека од почетокот на мандатите, советниците се раководат исклучиво од јавниот интерес.

-Особено сум горда затоа што без разлика на партиската припадност, единството е нашата одлика секогаш кога станува збор за интересот на граѓанинот и убедена сум дека така и ќе остане. На седниците на Советот, донесовме одлуки што значително го подобрија секојдневието во Ѓорче Петров, информираше Нелоска.

Општина Ѓорче Петров ќе го одбележи овој ден со богата програма за сите генерации која ќе трае до сабота. За вечерва, најавен е голем концерт на македонски музички имиња во реонскиот парк, а на кој ќе му претходи свеченото отворање на новата општинска зграда. мд/лв/

Остани поврзан