• среда, 02 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Одбележан Денот на Баталјонот на специјалните сили

Одбележан Денот на Баталјонот на специјалните сили

Скопје, 28 февруари 2025 (МИА) - Припадниците на Баталјонот на специјални сили со воена свеченост во касарната „Илинден“, денеска го одбележаа 1 март - Денот на единицата, ден  кога во 1994 година е формирана првата специјална, воедно и професионална единица во Армијата, позната како „Волци“, соопштија попладнево од Канцеларијата за воени односи со јавноста.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски им се заблагодарил на припадниците на единицата за нивните професионализам, посветеност, пожртвуваност и патриотизам - „инспирација и за младите кои сакаат да се приклучат на Армијата“.

- Вие со сето ова ја искажувате огромната љубов кон својата татковина, Македонија... Не само што од вас зрачи професионализам, од вас зрачи подготвеност и континуирано преку секојдневните обуки сте подобри и поефикасни. Во тоа се гледа и вашата големина. Неуморно да работите на себеси и на сопствените вештини што се во служба на безбедноста на секој еден граѓанин, додал Мисајловски.

Тој кажал и дека „припадниците на специјалната единица се најдобри, најспособни, најобучени, што е потврдено при секое оценување“.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски во своето обраќање оддал јавно признание на сите поранешни припадници за нивната работа и придонес со што се овозможило градење на единицата. Тој истакнал дека „да се биде и остане на врвот, не е лесна задача“.

- Вие сте прва единица што ги постави темелите за имплементација на НАТО-стандардите, прва единица од Армијата одликувана со орден за воени заслуги, прва единица што своето знаење безрезервно го дели со останатите во Армијата и партнерските држави. Да се биде прв е престиж, но, да се биде прв и да се остане прв е ваша обврска и ваш аманет, истакнал генералот Лафчиски и им порачал да останат верни на професијата и искрени кон себе и кон единицата.

Командантот на Баталјонот за специјални сили, потполковник Благој Наумов истакнал дека „единицата составена од избрани, храбри и силни припадници е столб на слободата, сувереноста и територијалниот интегритет и дека била и ќе остане расадник на квалитетни кадри за што покажува и фактот дека од неа се произлезени многу команданти, генерали, функционери и лидери на раководни позиции“.

- Продолживме по патот што беше започнат од нашите претходници, се надоградуваме, се усовршуваме и сега може да се каже дека гордо стоиме рамо до рамо со нашите НАТО- партнери, притоа чувајќи ги вистинските национални вредности, нагласил тој.

На денешната свеченост, Баталјонот на специјалните сили доделил плакета за 30-годишна соработка со Армијата на САД на Канцеларијата за соработка во одбраната на САД (ODC), како и плакети на министерот за одбрана и НГШ на Армијата. По повод Денот на единицата биле доделени и стимулативни мерки за припадниците на единицата кои постигнале особени резултати во работата во изминатиот период.

На свеченоста, како што се додава во соопштението, присуствувале и заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали од Армијата, поранешни команданти на единицата, команданти на единците од МВР и други гости.

- Во пресрет на одбележување на Денот на единицата, припадниците на Баталјонот на специјалните сили, заедно со припадниците на САЕ „Тигар“, реализираа крводарителска и хуманитарна акција, покажувајќи ги нивните хуманост и солидарност на дело, се нагласува во соопштението. бд/нд/

Фото: Канцеларија за воени односи со јавноста

Остани поврзан