• сабота, 23 ноември 2024

Одбележани 75 години од нападот врз Хирошима

Одбележани 75 години од нападот врз Хирошима
Хирошима, 6 август 2020 (МИА) – Преживеаните од првото атомско бомбардирање во светот денеска се собраа во Хирошима, Јапонија за да ја одбележат 75-годишнината од нападот, јави Гласот на Америка. Мала група луѓе во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима им оддаде почит на жртвите со минута молчење во 8:15 часот, точно во моментот кога атомската бомба наречена „Мало момче“ беше исфрлена од воениот авион на САД Енола Гаи, при што загинаа 140.000 луѓе, а целиот град беше разурнат. За разлика од минатите години кога на одбележувањето присуствуваа илјадници луѓе, оваа година поради пандемијата на коронавирусот беа присутни само „хибакуша“, како што се познати преживеаните, нивните семејства и неколкумина функционери. Премиерот Шинѕо Абе во својот годишен говор ги истакна заложбите на Јапонија за свет без нуклеарна енергија, велејќи дека земјата ќе дејствува „како мост“ меѓу нуклеарните сили во светот за да создаде заедничка основа за да постигне договор. Во исто време, градоначалникот на Хирошима, Казуми Матсуи, ја повика јапонската Влада да го потпише и ратификува договорот на Обединетите нации за забрана на нуклеарно оружје усвоен во 2017 година, факт што ги фрустрира хибакуша. Јапонија е исто така под заштита на американскиот нуклеарен арсенал, и покрај антинуклеарните заложби на Токио, потсетува Гласот на Америка. - Денес, светот без нуклеарно оружје се чини дека е подалеку од нашето сфаќање, рече генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во видеопорака која се емитуваше за време на церемонијата. Гутереш предупреди дека „мрежата за контрола на оружјето, транспарентноста и инструментите за градење доверба воспоставени за време на Студената војна и по неа, се распаѓа. Според него, поделбата, недовербата и недостатокот на дијалог се закануваат да го вратат светот на неограничена стратешка нуклеарна конкуренција. - Сега е време за дијалог, мерки за градење доверба, намалување на големината на нуклеарните арсенали и целосна воздржаност, рече тој. Три дена по бомбардирањето на Хирошима следеше втор американски атомски бомбашки напад врз градот Нагасаки, во кој загинаа повеќе од 70.000 луѓе. Второто бомбардирање ја натера Јапонија безусловно да се предаде на сојузничките сили на 15 август, со што се стави крај на Втората светска војна.

Остани поврзан