• петок, 22 ноември 2024

Одбележани 22 години од загинувањето на бранителот Ѓоко Лазаревски од Лешок

Одбележани 22 години од загинувањето на бранителот Ѓоко Лазаревски од Лешок

Тетово, 23 јули 2023 (МИА)  - Во тетовски Лешок денеска беше одбележана 22-годишнината од загинувањето на Ѓоко Лазаревски, кој во воениот конфликт во 2001 година учествуваше во одбрана на селото како резервен полицаец. Со полагање цвеќе пред неговото спомен обележје, чест му оддадоа членовите на семејството и повеќе делегации, а беше отслужена и панихида.

-Во плејадата на македонски херои, со златни букви е впишано името на Ѓоко Лазаревски. Пред 22 години кога нашата татковина беше во опасност, Ѓоко без двоумење застана во одбрана на Македонија, во одбрана на Лешок. Го жртвуваше својот млад живот за подобро утре и посветла иднина на нашите деца, на сите нас. Тој покажа како се сакаат блиските свои и својата земја, повеќе од сопствениот живот, рекоа во обраќањето претставниците на Иницијативниот одбор.

Лазаревски како резервен полициски службеник загина на свои 29 години, бранејќи го своето село и помагајќи да се евакуираат неговите соселани. Остави сопруга која го очекуваше раѓањето на нивниот единствен син. Поради не можноста да биде погребан во родниот Лешок, вечното почивалиште на Лазаревски се наоѓа на гробиштата во Општина Ѓорче Петров.ас/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан