Одбележани 20 години од отворањето на Дневниот центар за церебрална парализа во Скопје
- Одбележувањето почна со изложба на слики. Оригинални фотографии и исечоци од весници од одржувањето на Првиот семинар за церебрална парализа на Балканот.
Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - „Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа - Скопје“ денеска ја прослави 20-годишнината од отворањето на Дневниот центар за церебрална парализа во Општина Центар. Оваа установа, според претседателката на здружението Марина Билбиловска, е првиот центар од ваков вид во Скопје, и воопшто - во земјава, којшто сѐ уште функционира.
- Одбележувањето ќе почне со изложба на слики. Оригинални фотографии и исечоци од весници од организирањето и одржувањето на Првиот семинар за церебрална парализа на Балканот, во поранешниот „Хотел Панорама", како го планиравме отворањето на Центарот, потпишувањето, реализацијата... Но, и борбата за да го зачуваме истиот, и да не обесштетат, односно да добиеме соодветен објект, односно Центар за Ц.П., изјави Билбиловска за МИА.

Во пригодниот говор потоа таа ги поздрави присутните и им се заблагодари од името на децата, вработените во Дневниот центар, родителите и од свое име, за одвоеното време и несебичната поддршка.
- Денес, кога ја одбележуваме 20-годишнината од постоењето на нашиот Дневен центар, си спомнуваме за голготата што ја поминавме со нашите деца, и секако и на убавината што следуваше по неа, вели Билбиловска која потенцира дека во два до три наврати биле во ризик да го изгубат овој дневен центар, но по ниедна цена не го дозволиле тоа, а се избориле вели и да ги задржат тимовите кои работеа со нашите деца.

Говореше и за тешкотиите со коишто се соочиле.
- Прескокнавме многу препреки, досега. Истрчавме маратон, но не се предадовме, ниту пак, ќе се предадеме, и секогаш ќе продолжиме понатаму. Нашите ангели, нашата љубов се смислата и изворот на сила, храброст и енергија за животот наш. Љубовта добиена од нашите деца не може да се спореди со љубовта добиена од милијарда „типични личности“, бидејќи ова е најискрената, најчистата, најубавата љубов - испратена без никаква задна умисла и интереси, продолжи Билбиловска.
Таа вели дека општа, заедничка морална обврска е да бидеме пример за изедначување на можностите и условите за живот.
- Со самото тоа, атипичните деца и лица ќе се почувствуваат како рамноправни граѓани, како во секоја општина така и во целата држава - како еднакви поединци, уживајќи ги сите права и обврски коишто се дел од едно хумано општество. Ве замолуваме сите заедно да се стремиме и понатаму да продолжиме кон изедначувањето на можностите како метод за заштита од тоа „попреченоста“ да стане недостаток, а еднаквите можности да бидат основа, за да им овозможиме, и воедно да им помогнеме да ги управуваат своите животи со самопочитување и личен интегритет, подвлече Билбиловска.

- Ние сме горди родители. Полни сме со љубов и топлина, а нашиот бакнеж лечи сѐ - од скршеници до „Епи“ напади, но и секоја друга болка, исто како да имаме осум раце за да постигнеме сѐ. И, згора на сѐ, си даваме сила и продолжуваме, носејќи го товарот на своите плеќи чекорејќи гордо по својот трнлив пат. Ја имаме највозвишената Титула: „Посебен Родител“, којашто гордо си ја носиме. Нашите ангели, нивната љубов е смислата и изворот на нашата сила, на храброста да се спротивставиме на сите неправди и опасности, но и енергија за да продолжиме понатаму во животот наш, додаде таа.

Нејзиниот совет гласи: Бидете со луѓето кои ги сакате, и оние кои ве сакаат вас. Гушнете ги, кажете им колку ви значат, јавете им се на роднините и пријателите колку само да им кажете дека се грижите за нив и да им кажете: Сѐ ќе биде добро!
- Сѐ ќе помине! И грипови, вируси, паники и стравови. Тажно е само тоа што мора да чекаме нешто да се случи за да сфатиме колку сме кревки, колку ни е потребна грижа и љубов, и дека зборот и прегратката понекогаш знаат да бидат толку многу лековити. Сето лошо ќе помине! Само љубовта нека остане!, порача Билбиловска.

- Ние родителите на децата и лицата со попречености сме суштества најблиску до совршенство кое никогаш не се предава. Во името на понатамошната успешна соработка, и вашата несебична поддршка, од името на сите нас ви благодариме. Господ нека го чува здравјето на сите деца!, нагласи Билбиловска.
Со пораката „Заедно сме посилни“, таа најави дека борбата за подобро утре - продолжува и натаму.
На јубилејот беше присутен и градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Центарот обезбедува дневен престој и згрижување за деца и лица со церебрална парализа; нуди рехабилитација и третман, во облик на поддршка за моторниот, когнитивниот, говорниот, социо-емоционалниот и комуникацискиот развој; организира индивидуални планови според потребите на секој корисник, што значи дека третманите и активностите се прилагодени според способностите и потребите на лицето; Центарот спроведува и социјализирачки, едукативни, културни и рекреативни активности; притоа, се обезбедува и поддршка за семејствата и старателите. си/вг/
Фото: „Здружение на родители на деца заболени од церебрална парализа - Скопје“; Фејсбук - јавни објави.