• недела, 17 ноември 2024

Одбележана 80-годишнината од смртта на Алија Авдовиќ

Одбележана 80-годишнината од смртта на Алија Авдовиќ
Скопје, 29 август 2021 (МИА) - Општина Гази Баба денеска ја одбележа 80-годишнината од загинувањето на револуционерот и првоборецот Алија Авдовиќ. Делегација предводена од пратеникот Зеќир Рамчиловиќ со претставници од бошњачката заедница, претставници на локалната самоуправа и градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски и делегација на борците положија цвеќе пред спомен-плочата што се наоѓа на местото на неговата родна куќа. Рамчиловиќ нагласи дека првпат од независноста на земјава се одбележува 80-годишнината од смртта на Алија Авдовиќ, еден од основоположниците на револуционерното и комунистичкото движење во државава. -По неговото апсење од страна на фашистичката бугарска власт и Гестапо, кои во тој период сакале да ги задушат сите прогресивни сили и борци за слободна Македонија, на 29 август 1941 година бил стрелан заедно со други револуционери во логорот Бањица во близина на Белград. Името на Алија Авдовиќ, без оглед на тоа што не беше прогласен за народен херој, со златни букви ќе биде запишано на страниците на нашата историја. И ние денес ја продолжуваме неговата идеја за која несебично се жртвуваше во градењето на слободна и независна држава на рамноправни граѓани, изјави Рамчиловиќ. Рамчиловиќ додаде дека во наредниот период на местото на новопредвидениот плоштад ќе биде поставена биста на Алија Авдовиќ со што, како што рече, дополнително ќе се афирмираaт неговите заслуги и дело. мд/дма/

Остани поврзан