• понеделник, 23 декември 2024

Одбележана 60-годишнината од смртта на Ѓорѓи Абаџиев

Одбележана 60-годишнината од смртта на Ѓорѓи Абаџиев

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - По повот 60-годишнината од смртта на Ѓорѓи Абаџиев, денеска во Институтот за Македонски јазик се одржа научен собир, организиран од Институтот за македонска литература, на кој се оддаде почит кон писателот со потсетување на неговите дела. 

-Ѓорѓи Абаџиев почина на втори август 1963 година, на денот за којшто најмногу пишуваше, истакна неговата ќерка, и нагласи дека Блаже Конески го одржа последното слово по смртта на нејзиниот татко.

На свечениот настан за Абаџиев, за неговото творештво зборуваа директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Валентина Миронска-Христовска и проф. д-р Гоце Смилевски.

Аврамовска истакна дека и покрај тоа што годишнините од смртта не се вообичаено световна практика, тие сепак го избраа денот на смртта за одбележување поради неговата поврзаност со други важни историски настани.

- Годинава шеесеттата година од смртта на Абаџиев на ден Илинден, се совпаѓа со120-годишнината на Илинденското востание но и со многу други настани, како што се 120 години од „За македонцките работи“, 100-годишнината на поемата „Илинден“ на Никола Киров Мајски, 100-годишнината од спомените на прилепчанецот Ачков за 323 македонски заточеници од што се затворени во Илинденското востание... Сите овие аспекти, но пред се, прикажаниот свет на Абаџиев којшто кореспондира со сите овие годишнини што ги споменав е причината што ние решивме дека оваа година наша мисија е да го направиме овој собир, истакна Аврамовска.

Таа потенцираше и дека оваа година е 65-годишнина од сценариото „Мис Стон“ и 70 години од неговата збирка „Последна средба“.

Георгиевска-Јаковлева зборуваше за трите доминантни става на македонската книжевна критика за прозата на Абаџиев преку примери од неговите два раскази „Табакерата“ и „Арамиско гнездо“.

- Сакам да сублимирам три доминантни става на македонската книжевна критика за прозата на Абаџиев. Првиот став е дека Абаџиев опсесивно е посветен на историската тематика и заедно со Стале Попов начелник на македонската историска проза. Втор е дека тоа е проза која е обележана со првичност и може да се разбере како литературен обид за меморирање на минатото, па оттука целата таа проза создава илузија на стварноста. Третата општа теза во критиката за Абаџиев, вели дека за неговото дело присутно е времето во кое тоа се јавува па за неговата проза се вели дека е запишана историја на колективната меморија со сите нејзини етнички, религиозни, идеолошки и други заблуди, предрасуди, околности и припаѓа на еден временски дефиниран, специфичен социокултурен контекст, нагласи Георгиевска-Јаковлева.

Миронска-Христовска како литературен историчар се осврна на историјата на Абаџиев и на македонскиот литературен кружок.

 - Како што вели Прличев „Спознај се самиот себеси“, а како ќе се запознаеме себеси во денешницава, во времето на глобални вредности и дигитално живеење, доколку не ги знаеме нашите претходници, рече Миронска-Христовска.

Таа истакна дека благодарение на писателот Васил Тоциновски, преку неговата книга „Тројца кружочници“, имаме можност да се запознаеме со раното творештво на Ѓорѓи Абаџиев.

- Но, за да ја добиеме вистинската слика за Ѓорѓи Абаџиев и да му се оддолжиме како што треба, треба да ги проследиме и сумираме и историските записи, сценаријата, публицистичките трудови, бидејќи тој е еден од клучните фигури во создавањето и одбраната на македонската култура, нагласи Миронска-Христовска.

Смилевски акцентот на своети излагање го стави на најпознатото дело на Абаџиев, романот „Пустина“, поточно за историските моменти во него.

Тој истакна дека уште на почетокот на романот авторот настапува со поврзувањето на историјата со личната судбина, во делот кадешто полицискиот службеник го зема часовникот на ликот Арсо, кој е од неговиот татко.

Смилевски ова дело на Абаџиев го поврза со настаните од Митот за Сизиф на Алберт Ками.

- „Митот за Сизиф“ од Алберт Ками е дело кое почнува со прашање кое директно не упатува на романот на Абаџиев, со реченицата „Единствено навистина важно лудовско прашање е прашањето за самоубиството – Вреди ли човекот да живее апсурдно, во еден апсурден свет?“. Ова е прашањето со кое се соочуваат и двата лика во романот „Пустина“, рече тој.

Смилевски го заврши својот говор, инспириран од пораката на делото, со препорака до младата публика да ги почитува вистинските вредности и да го живее своето време. сан/нд/ 

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан