• понеделник, 23 декември 2024

Ограничување на температурата и намалување на емисиите на јаглерод диоксид главни приоритети на КОП26

Ограничување на температурата и намалување на емисиите на јаглерод диоксид главни приоритети на КОП26
Глазгов, 11 ноември 2021 (МИА) - Следните денови на Конференцијата на ОН за климатски промени КОП26, што се одржува во Глазгов, ќе се дебатира за нацрт-договорот со која се повикуваат земјите да ги зајакнат своите национални климатски планови до крајот на 2022 година. Во првиот нацрт од „одлуката за КОП26“ од државите се бара „да ги разгледаат и зајакнат целите за 2030 година во нивните национално утврдени придонеси, колку што е потребно за да се усогласат со температурната цел од Парискиот договор до крајот на 2022 година“. Посиромашните, климатски чувствителни земји, побараа загревањето да се ограничи на 1,5 степени Целзиусови, бидејќи растот на температурата, наведуваат научниците, е многу блиску до катастрофа. Притисокот за поредовни ревизии на климатските планови се смета за неопходен, бидејќи актуелните ветувања на земјите до 2030 година ќе предизвикаат загревање од 2,4 степени Целзиусови. Нацртот, објавен од ОН, исто така ги повика земјите да „го забрзаат постепено укинување на субвенциите за јаглен и фосилни горива“, како што бараа поддржувачите на климатските промени, а развиените земји се „поканети“ на итно зголемување на финансиските средства за поддршка на земјите во развој да одговорат на нивните потреби за прилагодување на влијанијата од климатските промени. Со цел да се намалат емисиите на јаглерод диоксид Коалиција од 19 држави денеска се договорија за создавање на зелени бродски рути помеѓу пристаништата со цел да ја забрзаат декарбонизацијата на поморската индустрија. Поморскиот транспорт, кој сочинува околу 90 отсто од светската трговија, е одговорен за речиси три проценти од емисиите на јаглерод диоксид во светот. Меѓународната поморска агенција на Обединетите нации (ИМО) сака да ги намали вкупните емисии на штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина од бродовите за 50 отсто до 2050 година, во споредба со 2008 година. Целта не е во согласност со Парискиот договор од 2015 година, па затоа секторот е под притисок да биде поамбициозен. Потписниците на така наречената „Декларација Клајдбанк“, усвоена на Самитот за климатски промени КОП26 во Глазгов, се согласија да воспостават најмалку шест зелени коридори до 2025 година. Затоа, ќе биде неопходно да се создадат резерви на гориво што не испуштаат гасови со ефект на стаклена градина, потребна инфраструктура за декарбонизација и регулаторна рамка. - Нашата цел е до 2030 година да видиме уште коридори, се наведува во Декларацијата што ја потпишаа Австралија, Белгија, Канада, Чиле, Костарика, Данска, Фиџи, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Јапонија, Маршалови Острови, Мароко, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Шведска, Обединетото Кралство и САД. На Конференцијата на ОН за климата во Глазгов Кина и САД ветија дека ќе ја интензивираат соработката за ограничување на климатските промени. Кинескиот претставник за климата, Сие Женхуа изјави дека Кина и САД, двата најголеми емитери на јаглерод, ќе ги соопштат своите намери во заедничка изјава заснована на насоките од Парискиот договор за климатски промени. - Двете страни признаваат дека постои јаз меѓу сегашните напори и Парискиот договор. Така заедно ќе ја зајакнеме акцијата и соработката за климата, истовремено почитувајќи ги нашите индивидуални национални ситуации, посочи Сие. ми/

Остани поврзан