• понеделник, 23 декември 2024

Ограничени маржите за основните производи, нови антикризни мерки по ребалансот на Буџетот

Ограничени маржите за основните производи, нови антикризни мерки по ребалансот на Буџетот
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Владата со ограничување на трговските маржи на основните прехранбени производи на 5 до 10 отсто повторно ќе се обиде да го спречи растот на цените на производите. На предлог на Министерството за економија вчера донесе одлука за ограничени маржи што ќе важат заклучно со 30 септември годинава. - Во консултација со бизнис заедницата и по координација со надлежните институции донесовме Одлука според која заклучно со 30 септември 2022 година за леб бел - сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот синџир, се утврдува трговска маржа во висина до 10 проценти во трговијата на големо и на мало, информира вчера министерот за економија Крешник Бектеши. Нагласи дека за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици. - Со оваа одлука се ограничува растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци, додаде Бектеши. Според одлуката, како што нагласи министерот, се предлага рабатот и надоместоците да не се одобруваат до 31 декември 2022 година. Порача дека мерките секогаш се носat во консултација со стопанските комори. -Не е фер кон потрошувачите во текот на 24 часа да има зголемување на цените од 80 проценти кога нема зголемување на оперативните трошоци, ниту пак на суровините. Цените на суровините државата ги следи при влезни фактури од страна на Царинската управа. Ние не сме забележале дека од 31 мај до 1 јуни толку се зголемени влезните фактури. Мислам дека доволно или повеќе од доволно е пет отсто да се има маржа за основни прехранбени производи во време на криза, посочи Бектеши. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера повторно потврди дека новите мерки за справување со кризата ќе почнат веднаш штом ќе биде изгласан ребалансот на Буџетот во Собранието. Тие ќе бидат насочени за најкритичните граѓани и компании. -Мерките се насочени кон најранливите категории, притисокот е голем, преземаме мерки исто како во пандемијата, првите беа за сите, а потоа за најкритичните граѓани и компании, рече Битиќи. Во врска со брзото зголемување на цените по завршувањето на мерките за основните прехранбени производи, Битиќи напомена дека тоа се должело на зголемување на маржите и било неоправдано, вештачко зголемување на цените, но по неговото укажување, цените се вратиле или стагнираат. -Во време на криза не можеш да се однесуваш како воен профитер. Апелирам на моралните вредности на стопанствениците  кои треба да ја имаат предвид општата ситуација, и во пазарна економија мора да има морални и етички норми, истакна Битиќи. Групацијата на месопреработувачи и месни индустрии, пак, преку Стопанската комора побара продолжување на мерката за ослободување од царина за замрзнато свинско месо наменето за преработка. Претставници на Групацијата вчера јавно побараа средба со вицепремиерот за економски прашања Битиќи, за да ги образложат барања за продолжување на оваа мерка. – Во спротивно на краток рок за две до три недели во зависност од тековните залихи прво ќе следи нов ценовен шок од 20 до 30 отсто зголемувања на цените на месните преработки од свинско месо, второ намалување на бројот на вработени за исто така 20 до 30 отсто, а на подолг рок, зголемување на увозот и престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети, изјавија од Стопанската комора. Оттаму истакнаа дека тие не бараат помош, ниту субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. – Оваа Индустрија со важечките царински давачки е ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред се оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи од надвор влегуваат во земјата со 0 отсто царина, а ние, домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаме царина во висина од 20 до 35 отсто. Ова уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на Отворен Балкан, посочија од Стопанската комора. На 1 јуни годинава престанаа да важат анти кризните мерки со кои исто така беа замрзнати маржите на основните прехранбени производи. Покрај тоа, беше намалена ставката на ДДВ за основните производи за исхрана од 5 на 0 проценти. Намалени беа и акцизите и ДДВ-то за горивата, но по завршувањето на мерката значително се зголемија цените особено на дизелот, како и на дел од основните прехранбени производи.вј/са/

Остани поврзан