• сабота, 23 ноември 2024

Овчарите повторно незадоволни, откупувачите уверуваат дека цената на јагнето ја диктира купувачот од надвор

Овчарите повторно незадоволни, откупувачите уверуваат дека цената на јагнето ја диктира купувачот од надвор
Скопје, 8 февруари 2021 (МИА) - Оваа година македонското јагне има најниска цена и покрај докажаниот висок квалитет, но и покрај недостигот на европскиот пазар каде традиционално извезуваме, велат одгледувачите на овци. Причината за ваквата ситуацијата ја лоцираат во октупувачите. Не веруваат во нивното образложение дека и тие добиваат пониска цена при пласманот, сметаат дека ова им е само изговор за да го земат јагнето што поевтино. Но, откупувачите се децидни дека цената на домашното јагне ја диктира купувачот од надвор. Според нив, за надминување на овој децениски проблем со откупот на јагнето во земјава и откупната цена, решението можеби треба да се бара во обезбедување поголема државна поддршка за овчарите, по примерот на други земји. Моментно, откупната цена за килограм јагне жива мера е 140 - 150 денари, но овчарите велат дека треба да изнесува 160 - 170 денари. -Откупувачите, и покрај милионскиот капитал остварен од извозот на јагне од наше производство, бараат безцарински увоз на живо јагне од ЕУ со цел реекспорт за уште поголем личен профит. Имаат разработено олигополска шема која е погубна за нас. И доколку се дозволи безцарински увоз како што бараат, под изговор дека со отворањето на новиот пазар ќе порасне откупната цена, ние немаме никаква сигурност дека јагнињата ќе ни бидат откупени и дека вистина ќе порасне откупната цена. За безцаринскиот увоз секако очекуваме да се слушне и нашето мислење, како Сојуз на одгледувачи на овци, меѓутоа не ни се претставени во целост можностите што не тангираат, вели за МИА претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Георгиев. Лани, истакнува Георгиев, цената во овој период беше иста како сега, околу 150 денари за килограм, но во периодот на зголемена понуда, падна на 110 – 120 денари. И сега се очекува пак да падне кога ќе порасне понудата. Шпицот на понудата, потсетува Георгиев, е од 20 март. Сточарите апелираат надлежните институции да размислат околу доделувањето локации на потенцијални инвеститори за изградба на нови кланици, а АХВ да направи напори за извоз на живо јагне. -Цената на јагнешкото на светските пазари од 2015 година претрпе голема дигресија, појава која предизвика ураган во овчарскиот сектор кај нас, континуиран пад на бројот на овци, демотивација и деморализација кај одгледувачите. Минатата 2020 година светскиот пазар на јагнешко месо се стабилизира и прв пат во однос на претходните пет години се постигна највисока просечна продажна цена. Прв пат се појави недостиг на јагнешко месо на европскиот пазар, кој е наша целна група. Но, во нашава земја, под изговор на корона кризата, повторно имаше намалување на просечната откупна цена на јагнињата. Истото ни се случува и оваа година, иако јазот меѓу побарувачката и понудата се зголемува, односно на европскиот пазар има помала понуда дури од минатогодишната, објаснува претседателот на Сојузот. Според него, остатокот од европските фактори - извозници на јагнешко, очекуваат и добиваат покачена вредност на јагнињата, не само поради недостигот, туку и поради зголемените цени за производство. -Цената на пченката, како основа за прехраната на јагнињата, е покачена е за 30 – 40 проценти во однос на минатогодишната, додека сојата е поскапена за 30 отсто, медикаментите се поскапени за 20 проценти, како и сите други фактори кои влијаат во производството на јагнешко се покачени во одредена мера. Доколку пред две и повеќе години причините за ниска цена на јагнешкото ги баравме во конкурентските цени, сега би можеле да кажеме дека најниска цена на јагнешко е во нашава земја заедно со Србија, дециден е Георгиев. Сојузот предупредува дека последниве неколку години одгледувачите на овци се на крстопат околу одлуката за иднината на дејноста поради исклучително лошиот баланс „добивка - загуба“. -Се уште не се знае цената што би можеле ние да ја платиме за домашното јагне зашто се уште не се прецизирани програмите како ќе оди откупот за Велигден. Цената која ние ја добиваме како понуда за извоз, всушност ја диктира цената за откуп дома. Напите странски партнери си го гледаат пазарот таму, локално, кај нив, и доаѓаат со понуда. Велат, ако сакате да ви го откупиме јагнето, можеме да платиме толку и толку. Ние, согласно тоа, им кажуваме на овчарите колку можеме максимум да платиме. Сепак, цената ја диктира купувачот од надвор, објаснува за МИА Весна Станоевска од извозната компанија „Стоко промет - Стоко импекс“. За овој децениски проблем меѓу овчарите и откупувачите, решение, смета Станоевска, можеби треба да се бара во поддршката од државата. -Можеби државата не дава доволно субвенции. Ако се распрашате во околните земји, Грција, Србија, какви се субвенциите, ќе видите каде е разликата. Сега, до крај на месецов, Грција продава поевтино јагне од нашето. Значи, тие дефинитивно мора да се некако поинаку стимулирани зашто трошоците се тие, не може тие да имаат помали трошоци. Можеби имаат повисока цена за млекото или субвенција за секое родено или извезено јагне. Тука е таа разлика. Ние како фирма извозник не можеме да влијаеме – добиваме цена од надвор. Ако ја прифатиме, кажуваме колку максимум можеме да платиме за домашното јагне. Но, затоа сме фрима која нема ниту еден долг кон овларите, тоа што е ветено е изреализирано во рок од неколку дена по откупот. Додека не се замепа државата со некоја субвенција или помош, ситуацијата ќе истане таква, оценува Станоевска. Таа укажува и дека за да бараме купувачи надвор, немаме континуирано производство, ниту исто јагне, со постојана големина. Обично грлата по големина се мешани, од 10 до 30 килограми, а надвор се бараат од околу 15 килограми жива мера за да се добијат седум до осум килограми месо. За продажба годинава земјава ќе има најмногу околу 200.000 јагниња. Освен на традиционалните пазари, во Хрватска и Италија, побарувачка, велат овчарите, има и од Бугарија, Германија, Британија, како и од арапските земји. мч/са/

Остани поврзан