• сабота, 23 ноември 2024

Објавен конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од макроекономијата и банкарството

Објавен конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од макроекономијата и банкарството

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Народна банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2024 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.

Право за учество имаат сите државјани на Северна Македнонија на возраст до 35 години, освен вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка.

Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи основните делови -  апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature - JEL), осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува, опис на методите на истражување коишто се користат во трудот, анализа, заклучни согледувања и библиографија.

Авторите имаат право да конкурираат и со труд којшто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2022 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик. 

Краен рок за доставување е 1 февруари следната година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 100.000 денари, а втората награда изнесува 50 000 денари.

Повеќе детали за конкурсот може да се најдат на веб-страницата на Народната банка. бак/са/

Фото: Народна банка

Остани поврзан