• недела, 22 декември 2024

Објавен е идентитетот на напаѓачот од Солинген, се работи за терористички акт

Објавен е идентитетот на напаѓачот од Солинген, се работи за терористички акт

Берлин, 25 август 2024 (МИА) - Осомничениот за нападот во Солинген во кој загинаа три лица, а осум беа повредени е 26-годишен Сириец - Иса Ал Х., а премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вист, нагласи дека тоа е терористички акт.
Обвинителството во Дизелдорф соопшти дека напаѓачот се сомничи дека е припадник на ИД.

Презимето на осомничениот не е објавено поради германските закони за приватност.
Обвинителите изјавија дека „поради неговите радикални исламистички убедувања“ тој се обидел да убие онолку луѓе колку што верувал дека се неверници.

Осомничениот живеел во дом за бегалци во Солинген, кој бил претресен вчера, изјави министерот за внатрешни работи на провинцијата Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл.

Германски медиуми јавија повикувајќи се на неидентификувани безбедносни извори, дека осомничениот дошол во Германија кон крајот на 2022 година и побарал азил.

Германското федерално обвинителство ја презеде истрагата за нападот со нож во градот Солинген, во кој во петокот загинаа три лица, а осум беа повредени, наведувајќи дека постои сомнеж за тероризам. Германската полиција утрово соопшти дека уапсила маж осомничен за напад во градот Солинген, дека е Сириец и дека го признал делото.

Терористичката организација ИД ја презеде одговорноста за нападот во Солинген во саботата.зш/

Остани поврзан