Објавена сликовницата „Штркот Гвин“ од Марина Мијаковска
- Новата сликовница „Штркот Гвин“ од авторката Марина Мијаковска, објавена во издание на Едука мак од Скопје, носи топла и инспиративна приказна за авантурите на еден штрк кој го открива вистинското значење на домот. Книгата е наменета за деца од училишна возраст, но и за секој читател без разлика на возраста.
Скопје, 15 април 2026 (МИА) - Новата сликовница „Штркот Гвин“ од авторката Марина Мијаковска, објавена во издание на Едука мак од Скопје, носи топла и инспиративна приказна за авантурите на еден штрк кој го открива вистинското значење на домот. Книгата е наменета за деца од училишна возраст, но и за секој читател без разлика на возраста.
Во неа има дидактичка порака и едукативни елементи. Оваа сликовница е инспирирана од градот Скопје и неговото богато историско и културно наследство. Книгата ги афирмира убавините на градот Скопје и македонската култура.
Од приказната за штркот Гвин, читателите имаат можност да научат повеќе за штрковите – нивниот живот, исхрана и преселби, но и да се запознаат со убавините и богатото културно-историско наследство на градот Скопје. Приказната го следи штркот Гвин, кој доаѓа од Трансилванија како гостин, но со текот на времето станува домаќин, пронаоѓајќи го својот дом на Скопското Кале.
Сликовницата испраќа силна порака дека „домот е таму каде што ти е срцето“, истовремено поттикнувајќи љубов кон татковината, почитување на традицијата и семејните вредности. Воедно, делото ги истакнува значајните културни обележја на Скопје, како Старата скопска чаршија, Камениот мост и градскиот плоштад.
Текстот е збогатен со впечатливи илустрации од илустраторот Игор Јовчевски, кои дополнително ја оживуваат приказната и ја прават привлечна за младите читатели. дма/вј/
Фото: Илустрација