• понеделник, 23 декември 2024

ОБСЕ - мултилатерален форум за дијалог меѓу Западот и Истокот

ОБСЕ - мултилатерален форум за дијалог меѓу Западот и Истокот

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Министрите за надворешни работи и други претставници на 57 земји-членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на државите партнери, се состануваат во наредните три дена во Скопје за да разговараат за иднината на организацијата и за предизвиците со кои се соочува. Министерскиот совет ќе го означи и крајот на едногодишното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Нов претседавач ќе биде Mалта откако во понеделникот беше постигнат компромис меѓу земјите-членки по ветото од Русија и Белорусија за Естонија која според ротирачкиот принцип требаше да го преземе претседавачкото место.

Во Скопје ќе дојдат државниот секретар на САД Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров. Учеството на шефот на руската дипломатија беше неизвесно поради меѓународните санкции против Русија по инвазијата врз Украина, но откако Бугарија го отвори небото и дозволи прелет на рускиот владин авион, а ЕУ кажа дека тоа не е кршење на санкциите, од Москва беше потврдено дека Лавров доаѓа во Скопје.

Доаѓањето на Лавров, пак, е причина за откажувањето на учеството на министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба и шефовите на дипломатиите на Естонија, Летонија и Литванија, Маргус Цахна, Кришјанис Каринш и Габриелиус Ландсбергис.

Украина на форумот ќе биде претставена од делегација од нивното МНР, потврдија за МИА од украинската Амбасада во Скопје. Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, соопшти дека Киев високо ги цени напорите на Северна Македонија како држава-претседавач на ОБСЕ во 2023 година и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои покажаа висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и обврските на ОБСЕ и што дадоа приоритетот на прашањето за спротивставување на руската агресија врз Украина. 

-Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ, злоупотребувајќи го правилото за консензус. Одејќи кон уцени и отворени закани, Русија систематски го блокираше консензусот за клучните прашања, како и кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година. Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложник на нејзините каприци и агресија, наведува Николенко, во објава на Фејсбук.

Министрите за надворешни работи на трите балтички земји, пак, во заедничка изјава велат дека „присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на заедницата на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презирање на основните принципи и обврски на ОБСЕ". Според нив, „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“.

Други откажувања засега нема. Присуството го потврди високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, но како што најави, нема да разговара со Сергеј Лавров.

Мисијата на ОБСЕ во Тирана денеска повика на мирна и отворена изборна кампања, каде „политичкиот натпревар ќе биде максимално конструктивен

Министрите за надворешни работи на земјите в четврток и петок во Скопје ќе разговараат и за мандатите на четворица високи функционери на ОБСЕ, вклучително и германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар. Нивните мандати истекуваат на 4 декември, а се уште нема договор дали и кој ќе ги наследи, поради забелешките на Русија и Белорусија. Во последните години, а особено по инвазијата на Украина, Москва го користи правото на вето во ОБСЕ, каде одлуките се носат со консензус.

ОБСЕ

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е најголемата регионална безбедносна организација која обединува 57 земји-учеснички од Европа, Северна Америка и Азија и дејствува како врска помеѓу европската и глобалната безбедност.

Основната функција на делување се заснова на предупредување, превенција на конфликти, управување со кризи и пост-конфликтно закрепнување. Организацијата овозможува безбедност и соработка преку трите главни димензии или области на работа: политичко–воената, хуманата и димензијата за економски прашања и заштита на животната средина. Една од специфичностите на нејзиното работење е што одлуките се носат со консензус. 

Кандидатурата на Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за претседавач на организацијата беше прифатена со консензус од 56 земји учеснички на министер

Во мрежата на европските безбедносни организации, ОБСЕ се издвојува по бројното членство кое ги вклучува евроатлантските и евроазиските компоненти, сеопфатниот мандат, флексибилната структура и обемните активности на терен. Активностите на ОБСЕ се насочени кон реализација на концептот на единствена и неделива безбедност во евроатлантскиот и евроазискиот простор.

За разлика од другите безбедносни организации (НАТО, ОН), ОБСЕ нема свои сили или средства за воспоставување мир и користи главно превентивна дипломатија која вклучува контрола на оружјето, зајакнување на довербата меѓу државите, следење на почитувањето на човековите права, слободата на медиумите, следење на изборите и мониторинг на економските и еколошките односи. Во втората половина на 1990-тите, мисиите и теренските операции во ЈИЕ Европа, Централна Азија и Кавказ станаа важна алатка на ОБСЕ, а е насочена и кон новите, современи закани за безбедноста (транснационални закани, организиран криминал).

ОБСЕ вработува околу 3.600 луѓе, главно во своите теренски операции, но и во секретаријатот во Виена и нејзините институции. ОБСЕ има статус на набљудувач во Обединетите нации.

Од КЕБС до ОБСЕ

ОБСЕ го влече своето потекло од времето на детант во раните 1970-ти, кога беше создадена Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) за да служи како мултилатерален форум за дијалог и преговори меѓу Истокот и Западот. Разговорите за формирање европско безбедносна тело почнаа да се водат уште во 1950-те, но Студената војна спречи каков било суштински напредок се до 1972 година.

По двегодишни состаноци во Хелсинки и Женева, КЕБС постигна договор за Завршниот акт од Хелсинки, кој беше потпишан на 1 август 1975 година. Овој документ содржеше низа клучни обврски за политичко-воени, економски, еколошки и прашања за човековите права кои станаа централни во т.н. „Хелсиншки процес“. Исто така, беа воспоставени 10 основни принципи („Декалог“) кои го регулираат однесувањето на државите кон нивните граѓани, како и едни кон други.

До 1990 година, КЕБС функционираше главно како серија состаноци и конференции кои ги надоградуваа и ги проширија заложбите на земјите-учеснички, додека периодично ја разгледуваа нивната имплементација. Меѓутоа, со крајот на Студената војна, самитот во Париз од ноември 1990 година го постави КЕБС на нов курс. Во Париската повелба за нова Европа, КЕБС беше повикан да ја одигра својата улога во управувањето со историската промена што се случува во Европа и да одговори на новите предизвици по периодот по Студената војна, што доведе до нејзино реформирање и воспоставување постојани институции и нови оперативни способности.

Како дел од овој процес на институционализација, името беше сменето од КЕБС во ОБСЕ со одлука на Самитот на шефови на држави или влади во Будимпешта во декември 1994 година.

Организација и тела

ОБСЕ функционира на неколку нивоа. Одлуките претставуваат политички определби и се носат со консензус. Политичката насока на Организацијата ја даваат шефовите на држави или влади за време на самитите. Самитите не се редовни или закажани, туку се одржуваат по потреба. Последниот самит се одржа во Астана, Казахстан, на 1 и 2 декември 2010 година.

Телото за одлучување на високо ниво на организацијата е Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се состанува на крајот на секоја година.

На амбасадорско ниво, Постојаниот совет на ОБСЕ се состанува неделно во Виена и служи како редовно тело за преговори и одлучување. Претседавач на Постојаниот совет е амбасадорот во ОБСЕ на државата претседавач.

Покрај Министерскиот совет и Постојаниот совет, тело за одлучување во ОБСЕ е и Форумот за безбедносна соработка, кој главно се занимава со прашања од воена соработка, како што се модалитетите за инспекции според Виенскиот документ од 1999 година.

Секретаријатот на ОБСЕ се наоѓа во Виена, Австрија. Организацијата, исто така, има канцеларии и во Копенхаген, Женева, Хаг, Прага и Варшава.

Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји-членки. Парламентарното собрание ги извршува своите функции главно преку Постојаниот комитет, Бирото и три генерални комитети - Комитет за политички прашања и безбедност, Комитетза економски прашања, наука, технологија и животна средина и Комитет за демократија, човекови права и хуманитарни прашања.

Парламентарното собрание донесува резолуции за политички и безбедносни прашања, економски и еколошки прашања и демократија и човекови права. Претставувајќи го колективниот глас на парламентарците на ОБСЕ, овие резолуции и препораки имаат за цел да обезбедат дека сите земји-учеснички ги исполнуваат своите заложби кон ОБСЕ. Парламентарното собрание се занимава и со парламентарна дипломатија и има обемна програма за набљудување на изборите.

Најстарата институција на ОБСЕ е Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР), формирана во 1991 година по одлука донесена на Самитот во Париз во 1990 година. Таа е со седиште во Варшава, Полска, и е активна низ целата област на ОБСЕ на полето на набљудување на изборите, демократскиот развој, човековите права, толеранцијата и недискриминацијата, владеењето на правото и прашањата на Ромите и Синтите. ОДИХР досега има набљудувано над 300 избори и референдуми од 1995 година, испраќајќи повеќе од 50.000 набљудувачи.

Канцеларијата на Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, формирана во декември 1997 година, делува како чувар за рано предупредување за прекршување на слободата на изразување во земјите-членки на ОБСЕ. Претставникот, исто така, им помага на земјите-учеснички преку застапување и промовирање на целосна усогласеност со нормите, принципите и заложбите на ОБСЕ во однос на слободата на изразување и слободните медиуми. 

Високиот комесар за национални малцинства е воспоставен во 1992 година на Самитот во Хелсинки. Тој е задолжен за идентификување и барање рано решавање на етничките тензии кои би можеле да ги загрозат мирот, стабилноста или пријателските односи меѓу државите членки. 

Препораките на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат основата за измените на Изборниот законик, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција.

Мисии

За смирување на кризни и конфликти ситуации, ОБСЕ досега има реализирано мисии во десеттина земји, меѓу кои и во Македонија во 2001 година.

Првата мисија на ОБСЕ беше во Грузија во 1992 година за да помогне во руско-грузискиот конфликт, втората во Молдавија во 1993 за решавање на кризата во Придњестровје, а третата во Босна и Херцеговина во 1995 година поради војната во таа поранешна југословенска република.

Следуваа мисиите во Косово во 1998 година, во Македонија во 2001 за поддршка во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на оружениот конфликт, мисијата во Србија во 2001, во Црна Гора во 2006, мисијата во Тексас за време на претседателските избори во САД во 2012 година, мисијата во Турција за уставниот референдум во 2017, мониторинг мисијата во Украина во 2014, во Ерменија во 2022 и повторно во Украина по руската инвазија во 2022 година.

Северна Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ или познато како ОБСЕ тројка, заедно со сега веќе минатогодишниот претседавач Шведска, како и актуелниот претседавач за оваа година

Северна Македонија и ОБСЕ

Северна Македонија влегува во финалето на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. „За луѓето се работи“ беше мотото на едногодишното македонско претседавањето со ОБСЕ што почна на 1 јануари годинава.

- Се поставивме како Претседателство фокусирано на луѓето, затоа што во свет во превирања, потребите и барањата на луѓето секогаш се на прво место. Нивната безбедност секогаш треба да биде во центарот на напорите на сите политички лидери. Пристапот на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ беше повеќеслоен и фокусиран на: јасна посветеност кон луѓето од Украина и другите региони погодени од конфликти и поддршка на засегнатото население и на институциите, работата на теренските операции на ОБСЕ и нивна поддршка, оцени на крајот на претседавачкиот мандат министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Претседавачот со ОБСЕ и шеф на македонската дипломатија Бујар Османи денеска ќе ја посети Република Турција заедно со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.  

Тој во својство на Претседавач со ОБСЕ во текот на изминатата година оствари вкупно 12 посети на теренските операции на ОБСЕ во Украина, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Казахстан, Узбекистан и Туркменистан. Покрај теренските посети, беа одржани и голем број конференции посветени на темите истакнати како приоритети во Програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ за адресирање на анти-семитизмот, економските и климатските предизвици во регионот на ОБСЕ, родова еднаквост, човекови права, младите и нивната иднина и други теми од клучно значење за Организацијата и земјите-учеснички.

- Додека приоритет ѝ беше даден на Украина и на решавањето на последиците од руската воена агресија, ние имавме за цел да ја одржиме доследноста на нашите принципи низ целиот регион на ОБСЕ, со посебен фокус на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив, вели Османи.

Северна Македонија на 1 јануари 2023 година го презеде претседавањето со ОБСЕ од Полска. Следен претседавач ќе биде Малта.

Функцијата претседавач, како што е најавено во соопштение на ОБСЕ, ќе ја извршува албанскиот премиер Еди Рама.

Земјава стана дел од ОБСЕ на 12 октомври 1995 година, тогаш како Република Македонија.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е воспоставена е 1992 година со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. По 2002 година, константно се одвива процесот на намалување на персоналот согласно постигнатите резултати. Активностите на Мисијата, што се утврдуваат и реализираат во тесна соработка со Владата на Република Северна Македонија и се насочени кон поддршка на националните реформи, се фокусирани на имплементација на Охридскиот договор, децентрализацијата, антидискриминацијата, реформи во полицијата, владеење на правото и областите поврзани со доброто владеење.

Остварува тесна соработка со Високиот комесар за национални малцинства на  ОБСЕ, со Претставникот за слобода на медиумите, како и со Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР). ОДИХР ги набљудуваше сите избори во државата почнувајќи од парламентарните во 1998 година.

Земјава има активна улога во рамките на ОБСЕ, што, покрај актуелната улога на претседавач, се рефлектира преку претседавањето со Комитетот за економски прашања и за заштита на животната средина (во 2007 година), со избор на наш дипломат за шеф на Канцеларија на ОБСЕ во Ашгабат, Туркменистан (2009 година), како и со поставувањето македонски претставници за шефови на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за следење на изборите во различни држави членки на Организацијата. Во 1996 и во 2012 земјава претседаваше со Форумот за безбедносна соработка, а во февруари 2018 во Виена претседаваше со 28-от Годишен состанок за  процена на имплементацијата на обврските од политичко-воената димензија на ОБСЕ.  Во 2016 бевме домаќини на есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ.  Значителен број на претставници од Република Северна Македонија учествуваат во теренските мисиите на ОБСЕ, посебно во Украина. 

Сашо Арсовски

Фото: МИА архива/ОБСЕ/ЕПА

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан