• недела, 22 декември 2024

Обраќање на претседателот Пендаровски на конференција посветена на вештачката интелигенција

Обраќање на претседателот Пендаровски на конференција посветена на вештачката интелигенција

Скопје, 15 февруари 2024

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата посветена на дигиталните вештини и вештачката интелигенција во корпоративниот свет, во организација на „Семос едукација“ и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

Во своето обраќање претседателот се осврна на глобалните предизвици со вештачката интелигенција и состојбата во земјава.

На настанот беше дискутирано за можностите за зголемување на примената на вештачката интелигенција на различни нивоа и кај различни целни групи, подобрување на бизнис климата и зголемување на процентот на квалификуван и дефицитарен кадар, амортизирање на потенцијалниот ризик од влијанието на вештачката интелигенција врз работните места и креирање на можности за развој на нови технологии базирани на вештачка интелигенција.

Во рамки на настанот беше презентирана моменталната состојба и идните трендови на вештачката интелигенција во секторот на информатичката технологија и придонесот на овој сектор во надминување на предизвиците.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски:

Почитувани присутни,

Драги пријатели,

Ми претставува големо задоволство да ве поздравам на оваа конференција посветена на дигиталните вештини во корпоративниот свет. Со овој настан „Семос едукација“ и МАСИТ нè држат во чекор со едно од најактуелните глобални прашања.

Неодамна, на Светскиот економски форум во Давос имав прилика накратко да разговарам со Сем Алтман, извршниот директор на „OpenAI“. Кога мојот син, кој студира роботика, го виде селфито со Алтман, на шега ми рече – сега два пати повеќе те почитувам. Оваа реакција зборува дека хероите на младата генерација не се политичките, туку технолошките лидери и тоа е добро.

Не случајно вештачката интелигенција доминира последниве години на многу од панелите и дискусиите во Давос. Лидерите од технолошката сфера се натпреваруваат меѓу себе кој побрзо ќе воведе понапредни модели на вештачка интелигенција. Владите и меѓународните организации, пак, се во трка со времето и се обидуваат да ја регулираат оваа релативно нова технологија. Истовремено, се чувствува вознемиреност на глобалниот пазар на трудот, каде што милиони работници стравуваат од масовни отпуштања.

Како ниту една друга технологија, вештачката интелигенција е предизвик и за државите и за компаниите. Според Индексот за вештачка интелигенција на Универзитетот „Стенфорд“, некои компании веќе развиваат модели што самите се усовршуваат. Од 2022 година наваму, речиси секој месец во употреба се пушта некој нов модел на генеративна вештачка интелигенција, со поразвиени способности да извршува сè поголем број задачи, од текстуална манипулација и анализа, па сè до генерирање слики и содржини.

Истовремено се менува и нивната примена. Вештачката интелигенција веќе престанува да биде само интересна апликација со која си играме, како „ChatGPT“, и прераснува во алатка што суштински ја трансформира работата, ја зголемува продуктивноста и нè воведува во нова дигитална етапа.

Но, овој огромен потенцијал носи и големи ризици. Од 2012-та до денес, бројот на инциденти и контроверзии поврзани со вештачката интелигенција е зголемен за речиси 30 пати. Од дипфејк-видеата и дезинформациите, па сè до сајбер нападите и загрозување на човековите права и слободи.

Овие состојби се особено опасни во изборни години, каква што е оваа 2024-та. Северна Македонија е една од 64-те држави во светот, во кои живее дури половина од светското население, во кои годинава се одржуваат избори.

Овие состојби, освен во политичката сфера, може да направат злоупотреби и во други домени. Злоупотребата на вештачката интелигенција е опасна и за бизнисот. Минатата недела имавме случај на вработен во странска мултинационална компанија кој учествувал на видеосостанок со раководството од кое што добил налог да изврши одредена трансакција. Подоцна се покажа дека видеосостанокот бил дипфејк и дека компанијата на тој начин била оштетена за 25 милиони долари.

Но, можеби најсериозниот предизвик е поврзан со пазарот на трудот. Една од најголемите буџетски ставки на секоја компанија и организација се платите и придонесите за вработените. Но, што ако вештачката интелигенција може многу поефикасно и поевтино да ги извршува задачите кои денес ги извршуваат луѓето? Дали нејзината широка употреба може да предизвика масовна невработеност, економска нееднаквост и масовни социјални немири?

Оваа дилема најјасно ја постави директорот на Дигиталната економска лабораторија при „Стенфорд“, Ерик Бринјолфсон. Според него, сè зависи од тоа дали вештачката интелигенција ќе се користи за да ги унапреди човековите способности преку аугментација или да ги замени луѓето преку автоматизација. Со други зборови, дали човекот и вештачката интелигенција ќе бидат меѓусебно комплементарни или конкурентни.

Факт е дека пазарот на трудот од корен се менува. Светскиот економски форум проценува дека 60% од работниците ќе треба да се доквалификуваат или преквалификуваат до 2027 година. Расте побарувачката за работници со нови дигитални вештини, од промпт-инженери, интерфејс-дизајнери, креатори на содржини за вештачка интелигенција, па сè до специјалисти за етички прашања. А ние, сè уште, сме во раните денови на вештачката интелигенција.

Почитувани присутни,

Што значи сето ова за нас, и не само за нас? Добрата вест е дека поради подобрување на иновативноста, ефикасноста и продуктивноста, вештачката интелигенција ќе доведе до нови инвестиции и до поголем економски развој и раст. Лошата вест, за нас, е тоа што најверојатно ќе се случува во најразвиените економии во светот, додека помалку развиените држави ќе заостануваат.

Ние сме територијално мала држава со висока стапка на иселување. Образовниот систем и пазарот на трудот се во голем расчекор. Оттука, македонските компании се соочуваат со големи предизвици: Каде да се најдат квалификувани работници со дигитални вештини и како за кратко време да се преквалификува или доквалификува голем дел од македонскиот пазар на трудот?

За да одговориме на овие предизвици, потребен ни е национален дијалог за вештачката интелигенција.

Пред некоја година, Фондот за иновации и технолошки развој состави тим за изработка на национална стратегија за вештачка интелигенција. При изработката на оваа стратегија треба да се земат предвид националните интереси на државата, економските потреби на компаниите и, секако, правата на работниците. За да не бидеме затечени, мора час поскоро да ја регулираме оваа сфера и, се разбира, да ја продлабочиме и соработката со нашите стратешки партнери и пријатели.

Добро е што не почнуваме од нула. МАСИТ со години посветено гради партнерства меѓу стопанството, академската заедница и државните институции. Го имаме и еден од најдобрите центри за едукација во областа на дигиталните вештини и на вештачката интелигенција. Неодамна во Канкун, во Мексико, „Семос едукација“ беше прогласен за најдобар едукативен центар во светот. Како партнер на некои од водечките ИТ-брендови, вие први воведовте обуки за вештачка интелигенција, не само на македонскиот и регионалниот, туку и на глобалниот пазар. Со помош на обуки, едукација и тренинг, им овозможувате на компаниите за кратко време да им помогнат на своите вработени да ги стекнат неопходните вештини од областа на вештачката интелигенција.

Затоа, верувам дека имаме волја, но освен волја имаме и капацитет да одговориме на овој предизвик. Меѓутоа, мора да вложуваме во иновацискиот екосистем, да ги поддржуваме стартапите и да промовираме култура на доживотно учење и надградба. Со тоа ќе им овозможиме на македонските компании и економија да не заостануваат во глобалната дигитална трка.

Драги пријатели,

Пред речиси пет години, кога во моето прво годишно обраќање во Собранието ја најавив изработката на стратешката рамка за развој „МКД 2030“, истакнав дека ако сакаме да биде успешна, нашата четврта македонска република мора да биде дигитализирана.

Од чекорите што ќе ги преземеме во овој клучен период зависи на која страна од дигиталниот јаз ќе се најдеме. Дали ќе бидеме меѓу развиените дигитални економии со висок стандард и квалитетен живот или меѓу неразвиените региони кои ќе служат за регрутација на нискоквалификувана работна сила?

Многу време немаме, но тоа што го имаме, треба да го искористиме најдобро што можеме.

 

Видео-материјал: https://youtu.be/V8yFO01v_Ps?si=tBImc7ELlDhLz5b3

 

Кабинет на претседателот на Република Севертна Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан