• понеделник, 23 декември 2024

Обраќање на Претседателот на Собранието Џафери на одбележувањето на 2 Август - Денот на Републиката

Обраќање на Претседателот на Собранието Џафери на одбележувањето на 2 Август - Денот на Републиката
Скопје, 2 август 2022 Обраќање на Претседателот Џафери на одбележувањето на 2 Август - Денот на Републиката „Илинден- нашата сила за иднината“ 2 август 2022 година, Пелинце Почитувани членови на Владата на Република Северна Македонија, Почитуван претставник од Кабинетот на Претседателот на Републиката, Почитувани претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, Почитувани претставници на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ (Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија) од 1941-1945 година и граѓаните продолжувачи, Почитувани колеги пратеници, Почитуван државен правобранител на Република Северна Македонија, Почитуван Вицегувернер на Народна банка на Република Северна Македонија, Почитуван заменик народен правобранител на Република Северна Македонија, Почитувани претставници од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Почитувани претставници на судската власт, на локалната самоуправа и претставници на верските заедници, Почитувани претставници на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија, Почитувани Екселенции, претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија, Почитувани претставници на медиумите, Почитувани гости, Граѓани на Република Северна Македонија! Чест ми е денес да стојам пред вас, како претседател на Собранието на Република Северна Македонија, да ве поздравам и да ви посакам добредојде од име на Собранието, пратениците и во мое лично име пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Денес, како и секој пат на овој ден, ги одбележуваме двата Илиндена и годишнини, 119 годишнина (1903) од Крушевската Република и 78 - годишнина (1944) од Заседанието на АСНОМ, што се двата столба врз кои се темели државотворноста на земјата и верувам дека годинешното мото утврдено од Организацискиот одбор не може да биде посоодветно и попогодено, односно „Илинден - нашата сила за иднината“. Затоа што, Илинден навистина е единствениот концепт кој што ја опишува вредноста и основата од која сите поаѓаме и во која наоѓаме сила за продолжување понатака во градењето на заедничката иднина на нашата заедничка држава. За нас, за нашите идни поколенија, идни граѓани на европското и светското семејство на народи, славејќи ги и празнувајќи ги вредностите кои не обединуваат и поврзуваат, вредности кои не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Постулатите со кои се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, со кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава се најцврстата основа врз која ќе продолжиме да чекориме како и досега. Настаните во минатото не уверија дека само сплотувањето кон заеднички дом за сите, со јасна визија, мудрост и разум е единствената, природна и остварлива крајна цел. Ако се однесуваме одговорно и разумно кон државата и граѓаните, со взаемна почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право, тогаш патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци. Тие биле свесни дека само со надминување на тесната и себична рамка, со отворање на умот и силно прегрнување на благодатите кои ги нуди нашата земја, ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко, Почитувани присутни, Додека се подготвував за овој голем ден за нашата земја и се навраќав на моите обраќања од минатите одбележувања на Илинден, било да сум бил тука на Пелинце, во Крушево, или пак на плоштадот во Скопје или пак пред законодавниот дом, во секое од нив забележав дека стоеше фразата „ова беа можеби најтешките години за земјава... беа донесени најтешките, најважните одлуки за земјата, за граѓаните...“ што ме наведува да помислам, верувам и вие го помислувате истото, дека предизвиците на нашиот пат никако не престануваат. Никако не се намалува тежината на одлуките што треба да се донесат. А секоја нова тешкотија, секоја нова пречка е тест за државата, тест за институциите и за граѓаните, и се разбира дека тоа фрустрира. Гледано објективно и со искрена намера за кажување на работите онака како што се, ќе го кажам тоа што на сите ни е познато, а тоа е дека ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци, А тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел. Сепак, и во тие лоши времиња на делби, имаше и се уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато, и тоа не на лесен начин и предадено во аманет. Луѓе кои и во најцрните сценарија гледаа светла точка и подотворена врата на можности за зачувување и зацврстување на темелите на државата, на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Верувам дека откажувањето од се и тврдоглаво држење за една флоскула која на крајот на краиштата е само празна флоскула која не нуди никакво алтернативно и можно решение туку само ан блок ги одбива можностите, никогаш не било и нема да биде опција за тие што вистински ја сакаат Република Северна Македонија. Тврдењето дека само така се сака државата, губејќи се при тоа себеси, државата и се разбира идентитетот, секако дека не е прифатлива опција. Затоа што, идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија. Почитувани, Низ годините имавме и се уште се соочуваме со моменти на предизвици за растот и развојот на земјата, за опстанокот и зачувувањето на мирот, безбедноста, сигурноста и секако, економската стабилност. Тоа е особено нагласено сега со актуелните воени дејствија во поширокото европско соседство, односно војната во Украина, со која се уверивме сите колку брзо може да се промени состојбата на мир и стабилност и рапидно да се зголемат безбедносните, економските, енергетските и други предизвици на континентот. Да не говорам за пандемиската криза која се чини дека никако нема да замине и постојано го зема данокот во луѓе, фрлајќи го на колена и најсилниот и најподготвен здравствен систем. Премногу сме мали за сами да ги биеме битките пред кои се исправаме секојдневно. Затоа е значајно да бидеме обединети и единствени за тоа што го сакаме, заслужуваме и можеме како земја и како граѓани на Република Северна Македонија. Со тоа што, сега има разлика! Сега не сме сами! Имено, пред две години станавме 30-тата полноправна членка на најмоќниот воено политички сојуз - НАТО. Минатата недела Собранието на Република Северна Македонија ги ратификуваше пристапните протоколи и на Финска и Шведска, со што уште еднаш се потврдува нашиот статус, почит и значајност како држава пред меѓународната заедница. И ова оди во прилог на констатацијата дека се движиме по правиот пат. Донесовме тешки, државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон евроатланската интеграција и на тој пат политички созреавме и ние како политичари и нашите граѓани. Бевме и се уште сме посветени на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи, и на тој пат ја имаме сета поддршка на нашите меѓународни партнери и пријатели. Со нивна силна поддршка го направивме и долгоочекуваниот чекор кон европското семејство. Ја одржавме првата меѓувладина конференција со Европската унија - што практички претставува знак дека веќе сме внатре во игра со големото европско семејство, после цели седумнаесет години статус на земја кандидат за членство. Дали ќе биде лесно? Се разбира дека нема да биде лесно, па играта само што започна! Сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство! За тоа ни треба единство! За тоа ни треба искрениот и несебичен придонес на секој еден поединец во државата! И, основното што сакам да го порачам оттука и кое сакам да го сфатат еднаш засекогаш сите е дека, никој нема помалку или повеќе право да ја сака, брани, да се гордее или пак да се фрустрира за успесите, неуспесите, победите или поразите на Република Северна Македонија, на нејзините културни, спортски, уметнички претставници во и надвор од земјава, никој нема повеќе или помалку право да ја чувствува оваа земја своја! Република Северна Македонија е наш, заеднички дом и сите имаме една иста цел. Да градиме држава без дискриминација, со почитување на правата и слободите на сите граѓани подеднакво, без оглед на етничката, верската, политичката припадност, без оглед на пол, социјален и економски статус! За да овозможиме европски стандарди за достоинствен живот, конкурентни услови за работа и бизнис, можности за квалитетно образование и научни истражувања за нашите млади ентузијасти, за сигурна и безбедна иднина за нас и за нашите идни поколенија. Затоа што, има една константа, а тоа е дека, ниту доброто, ниту лошото не бира по име, не бира по нација, не бира по вера, по пол, по социјален или економски статус, ниту пак бира по политичка припадност, едноставно, се случува и во еден миг, сите подеднакво сме исправени пред новиот момент а ние секогаш сме знаеле заедно да ги споделуваме и убавите, и не толку убави моменти кои ги носи животот. Така ќе продолжиме и во иднина! Почитувани граѓани, Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани. Ви благодарам на вниманието, имајте убав празничен ден! За многу години Илинден! Собрание на Република Северна Македонија  ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан