• понеделник, 23 декември 2024

Обраќање на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Свечената академија по повод 30 години монетарна самостојност

Обраќање на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Свечената академија по повод 30 години монетарна самостојност
Скопје, 28 април 2022 година Одамна е речено дека историјата е сведок на минатото, пример и поука за сегашноста, но и лекција и предупредување за иднината. Затоа, чествувањето на триесетгодишен јубилеј од значаен историски настан, каков што е монетарното осамостојување на современата македонска држава, не е само чест и повод за празнување. Тоа е и обврска,  стоејќи простум пред генерациите посветеници коишто се вложија во она што денес е наша современа монетарна историја, но и пред генерациите на коишто им ја должиме иднината. Како што кажа големиот Горан Стефановски: „Идентитетот е приказна за тоа кои сме, зошто сме и што сакаме.“ Монетарната самостојност и нашата парична единица – денарот се клучно поглавје на нашата приказна – суштествен елемент на нашиот идентитет. Во 1991 година се оствари сонот за самостојна, суверена и независна, современа македонска држава, но без монетарното осамостојување коешто се случи на овие дни во 1992 година, без независна централна банка и без национална валута, нашата приказна не ќе беше целосна. Ова не смееме да го заборавиме ниту денес, ниту во било кој миг во времето идно, не само за соодветно да го валоризираме минатото, туку и за да можеме во сегашноста да го оствариме влогот којшто е потребен за иднината на нашата автентична приказна. Исто онолку колку што не смееме да заборавиме дека сме должни приказната и во ова поглавје да ја продолжиме, бидејќи  како што порача Стефановски, „идентитетот е и работа и одговорност“. Токму работата и одговорноста се едни од каузалните постулати на Народната банка во изминатите триесет години. Многу работа, со целосна посветеност, независност и професионализам во совладувањето на предизвиците и остварувањето на целите  во различни, не секогаш лесни околности, во историски премрежиња и пресвртници. Не само поводно, туку и суштински мораме да имаме предвид од каде започнавме пред триесет години. На почетоците на ова клучно, монетарно поглавје на нашата приказна започнавме со речиси нула девизни резерви, хиперинфлација којашто во 1992 година достигна близу 1700%, рецесија, постојана депрецијација на домашната валута и општа макроекономска нестабилност. Ефектот од сето тоа го чувствуваа граѓаните и сите чинители на економијата, којашто беше во пад сè до 1996 година. Не смееме да заборавиме, бидејќи тогаш кога се губи помнењето за настаните од историјата, се губи и потенцијалот за критичко опсервирање и носење правилни одлуки во актуелната стварност. Ама ние помниме! Ги помниме и низата храбри и решителни чекори кои тогашните носители на политиките ги преземаа со цел макроекономска стабилизација, а коишто беа поддржани и од меѓународните финансиски институции, особено преку првите аранжмани со ММФ и Светската банка во 1993 година. Резултатот од сето ова беше видлив преку постепено сведување на инфлацијата на едноцифрена стапка, јакнење на девизните резерви, контрола над монетарните агрегати и консолидирање на фискалниот сектор. Клучно, во 1995 година беше официјализирана монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот – стратегија којашто и денес преставува сидро на стабилноста на македонската економија. Истата година, откако претходно  беше донесена основната регулаторна рамка за банкарскиот систем и супервизијата, беше извршена и санација на банкарскиот систем, што овозможи и негова трансформација на пазарни основи. Шест години потоа започна и  реализација на реформата на платниот систем, а едновремено, постојано се јакнеа и другите централно банкарски функции, вклучително и во доменот на статистиката, операциите на финансиските пазари, трезорското работење и секако, истражувањето како значајна поддршка на  процесот на монетарно одлучување. Со сето ова се создадоа предуслови, монетарното поглавје на нашата приказна, веќе 25 години да биде испишано со макроекономска стабилност и имплементирање на високите меѓународни и европски стандарди.  Веќе повеќе години наназад, и Европската комисија, во своите годишни извештаи за напредокот во сегментот на  монетарната политика, констатира високо ниво на усогласеност со европското законодавство. Но, и во изминатите години, покрај постојаното унапредување во работењето, се соочивме и соодветно одговоривме на низа предизвици, од коишто дел доаѓаа од домашното окружување, а дел  имаа глобален карактер. Само да се потсетиме на кризните епизоди од 2001, 2008 и 2016 година, во коишто како централна банка помеѓу другото требаше да се справуваме и со криза на доверба, за жал поттикната и од бројни шпекулации. Во сите овие епизоди  се соочивме со притисоци врз девизните резерви и курсот, при што на пример во текот на Глобалната финансиска криза од 2008/9 година изгубивме дури една третина од нив. Исто така, ова беа периоди и кога населението повлекуваше депозити од банкарскиот систем, коишто на пример во кризната во 2001 година се намалија за дури 8% во многу кус временски интервал. За жал, ниту во најновиот период не сме поштедени од сериозни предизвици. Појавата на пандемијата предизвика економски загуби, бараше повторно реакција преку девизните резерви заради задржување на стабилноста на домашната валута, како и финансиски политики за поддршка на економијата и одржување на стабилноста на банкарскиот систем. Оваа пандемиска криза заради различни причини повторно го актуализира прашањето за инфлацијата, ставајќи го во фокусот на централните банки. И на сè уште незавршена пандемија, се надврза уште една голем шок – војната во Украина, којашто покрај тоа што е човечка трагедија, носи и економска цена во облик на дополнителни инфлациски притисоци и забавување на економиите. Низ сите овие кризни епизоди се потсетивме  дека стабилноста на денарот е јавно добро и дека е клучна за општата стабилност во економијата. Тоа и укажува колку е голема одговорноста којашто ја имаме, како институција којашто има мандат да се грижи за неговата стабилност. Но одговорност да даваат свој придонес имаат и сите други чинители во општеството, бидејќи благодатите од макроекономската стабилност ги ползуваме сите. За жал,  знаеме дека во овие турбулентни времиња, не еднаш се случија шпекулации коишто не можеа да постигнат ништо друго, туку да ви наштетат вам, нам, на целата економија. На овој свечен ден, кога чествуваме јубилеј којшто не е значаен само за Народната банка, туку за татковината и за нацијата во целина, стоејќи пред вас, уште еднаш нагласувам – стабилноста на денарот е загарантирана! За оствареното во изминатите триесет години, секогаш мораме да имаме благодарност и почит, и соодветно да го валоризираме влогот на сите оние коишто биле и се дел од централната банка и успеале да изградат и одржат институција којашто е независна, транспарентна, високопрофесионална и почитувана во меѓународната заедница. Но,  упатувам благодарност и до сите чинители на нашата општествена стварност коишто покажуваа и покажуваат свесност дека независната централна банка е предуслов за иднината на нашата приказна. Во име на Народната банка морам одделно да упатам неизмерна благодарност и до меѓународните финансиски институции, коишто на нашата централна банка ѝ подадоа рака по монетарното осамостојување и до ден денес, постојано ни даваат поддршка во  рамките на нашиот мандат да го оствариме максимумот за македонската економија и граѓаните. Само како илустрација и пример ќе потсетам дека на почетокот на 2019 година, како осумнаесетта земја во светот го достигнавме највисокиот меѓународен статистички стандард на ММФ, а минатата година, Европската Комисија донесе одлука дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е еквивалентна на европската. Со ова, ние сме вклучени на листата од само 26 земји во светот коишто ги исполнуваат овие стандарди. Но, независно од тоа со колкава посветеност се работи и колку високи стандарди се применуваат, без довербата и влогот на граѓаните, ниту една централна банка не може до крај добро да ги оствари своите цели. Токму заради тоа, сме обврзани на транспарентност, и кон нив, и кон сите економски субјекти, заради што транспарентноста всушност е и една од нашите стратегиски цели. Народната банка е втора централна банка во светот, за којашто ММФ направи оцена според најновиот Кодекс и нè радува што констатираше висок степен на транспарентност. Секој историски значаен јубилеј, во извесна мера нè поставува на крстопат, при што осврнувајќи се на веќе оствареното, треба да донесеме одлука или да потврдиме по кој пат продолжуваме понатаму. Затоа, морам да истакнам дека независно од тоа како ќе се одвива евроинтегративниот процес на земјата, европските стандарди ќе продолжат да бидат наша водилка кон европското семејство на централни банки. А тогаш кога ќе се заокружи европско поглавје од нашата приказна и денарот ќе остане наш историски симбол на стабилност, верувам дека уште еднаш ќе се потврди дека како централна банка сме чекореле по вистинскиот пат. По глобалната економска криза од 2008/9 година наваму, а вклучително и по искуствата од ковид-кризата, во време на забрзани промени на глобалната сцена како резултат на глобализацијата, дигитализацијата и финансиските иновации, мандатот на централните банки постојано се менува и дополнува со нови функции. Сите тековни, нови функции и активности на современите централни банки коишто го штитат јавниот интерес, веќе се дел од нашата визија, но не како активност којашто ја проектираме за времето идно и далечно, туку како нешто на коешто веќе работиме. Меѓу другото, посебен  фокус ставаме на финансиската едукација и инклузија со оглед на важноста на зголемувањето на сознанијата за   финансиските услуги, сообено во време на брз раст на финтек-секторот,  што во крајна линија би обезбедило и олеснет пристап на граѓаните и компаниите до финансии. За поддршка на развојот на финтек-секторот, веќе е изработена и прва верзија на националната стратегија со цел да придонесеме нашата приказна да биде регионален лидер и во оваа сфера. По примерот на Европската централна банка, токму годинава, кога чествуваме триесет години откако денарот е наша парична единица, започнавме и со првични активности за разгледување на можноста и  потребата од воведување дигитален денар. Ако анализите покажат дека е потребно и соодветно воведување дигитален денар, при некои од следните одбележувања на денот на монетарното осамостојување, се надевам веќе ќе говориме и за дигиталниот денар како официјално платежно средство во земјата. Големиот Горан Стефановски, со чии зборови го започнав вечерашново обраќање, меѓу другото нè потсети дека приказните се с’ржта на нашиот живот и дека тие не се само нешто што е зацртано, туку е нешто коешто се создава и освојува секој ден – како и слободата. Оттаму, Народната банка ќе продолжи да го испишува и дополнува монетарното поглавје од нашата приказна, работејќи професионално и одговорно во полза на граѓаните, а водејќи се од европските централнобанкарски принципи. Нека ни е честит јубилејот и чествувањето на стабилниот денар кој е нешто што ни припаѓа на сите нас, на граѓаните, на сегашните и на идните генерации! Кабинет на гувернерот ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан