• сабота, 21 декември 2024

Обновени комуникациските кабли во Балтичко Море

Обновени комуникациските кабли во Балтичко Море

Осло, 29 ноември 2024 (МИА) - Финската компанија „Синиа“ (Cinia) денеска соопшти дека целосно го обновила својот подводен оптички кабел „Си-Лајон 1“ (C-Lion1), кој беше оштетен на 18 ноември.

Овој кабел овозможува дигитална поврзаност меѓу Финска и Германија.

На почетокот на ноември два подводни кабли, вклучително и „Си-Лајон 1“, беа оштетени во рок од 24 часа. Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, изрази сомнеж дека станува збор за саботажа, а екипажот на кинески товарен брод, кој ја спуштил котвата во близина на местото на инцидентот, е меѓу главните осомничени.

Вториот оштетен кабел, кој ги поврзува Шведска и Литванија, исто така е поправен и повторно е функционален, објави компанијата „Арелион“ (Arelion).

Инцидентите, кои се случија на 17 и 18 ноември во близина на Шведска, предизвикаа Стокхолм да побара од Пекинг да помогне во разјаснувањето на случајот. Денеска, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека Пекинг е подготвен да соработува со засегнатите страни за утврдување на причините за оштетувањата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан