• понеделник, 18 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
2 јули 2020 (МИА) Свети Јован Максимович – Шангајски Работел како професор на Битолската богословија На денешен ден се празнува споменот на свети Јован Шангајски. Роден е на 4 јуни 1896 година во малата населба Адамовка (Харковска губернија) од родители Борис и Глафира. Роденото име му било Михаил. Бил воспитуван во христијански дух и за време на школувањето бил солиден ученик. Често го посетувал блискиот манастир „Светогорска обител“, наречен така поради тоа што братството што во тоа време броело околу шестотини монаси се подвизувало според Атонски манастирски устав. Се одушевувал од животот и делата на св. Јован Тоболски, кој потекнувал од нивниот род Максимовичи. Се школувал во Полтавскиот кадетски корпус кој го завршил со одличен успех, по што се запишал на Правниот факултет во Харков, кој исто така со успех го завршил. Кога со родителите емигрирале од родната земја во Белград, каде што имало многу емигранти од Русија, малиот Михаил продавал весници за егзистенција на семејството и студирал на белградскиот Богословски факултет, кој го завршил во 1925 година. Се замонашил во Милковскиот манастир (на реката Морава, во близина на гратчето Свилајнец), при што го добил името Јован, по неговиот пра-прадедо Јован Тоболски. Во 1928 година, од страна на Светиот синод на Српската црква, бил назначен за професор на Битолската богословија, а во 1934 година од страна на Поглаварот на Руската задгранична црква бил хиротнисан за епископ. Истата година бил испратен за епископ во Шангај, бидејќи претходната година починал епископот на Шангајската епархија. За кусо време успеал да воспостави единство меѓу верниците, го доградил храмот со помошните простории, се грижел за старите, болните, бездомниците, затворениците, а изградил и сиропиталиште „Св. Тихон Задонски“. Се истакнал и со други подвизи, со што станал многу популарен меѓу верниците. По Втората светска војна кога во Шангај се создале неподносливи услови за руските емигранти владиката организирал нивно преселување на посигурно место во Америка. Во почетокот на 1949 година започнала оваа „втора евакуација“ во Сан Франциско. И покрај противењето на верниците подоцна од страна на црковниот врв на Руската задгранична црква бил назначен за архиепископ на Западно-европската епархија каде што се афирмирал како вистински апостол на западот и „жив светител“. Кон крајот на 1962 година пак бил назначен за постојан епархиски архиереј во Сан Франциско и за Првојерарх на цела Западна Америка. Се упокоил на 16 јуни (с.с.) 1966 г. откако отслужил света литургија и се причестил. Вака се упокојувале само вистинските праведници. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан