• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
24 јануари 2021 (МИА) Преданија Поп Наум – Мали Оџа Постојат повеќе преданија за Наум (Ноум) Попов, наречен Мали Оџа. Сепак до денес тоа е неразјаснета личност, како духовник, полиглот, остроумен и прониклив човек, но и човек со трагична судбина, жртва за сопственото село. Едно од многуте преданија за него е и следното. Наум Попов од Вевчани учел за поп во Цариград. Знаел да зборува турски, грчки и арапски јазик. Во негово време некојси Гроздан се населил во Горна Белица. Станал и коџобашија на селото, па како снаодлив човек, успеал со поткуп да добие од турските власти тапија за девет ливади кои го зафаќале просторот на планината Јабланица од селото Радожда до границата, односно до атарот на Дебар. Таа тапија била лажна, но тој сепак не им дозволувал на Вевчанци да ја напасуваат стоката во планината иако таа била нивна. Тој спор траел долго време. Тогаш попот Наум им рекол на своите соселани: „Јас немам пари, но знам како да ја расипам тапијата.“ На тоа Вевчанци собрале пари и го испратиле попот Наума да замине во Цариград и да ја расипе тапијата. Кога стигнал таму во градот имало некаква свеченост, дефиле, во кое оџите оделе напред, поредени во неколку редови. За да се вклучи во дефилето (парадата), Наум позајмил од некој пријател тамошен алишта и се преоблекол како оџа. Така преправен влегол во групата, во предните редови. Но сите тие имале некакви бајрачиња, а Наум немал па го замолил еден од нив да му го даде неговото бајраче, велејќи му: „Дај ми го тоа мене, јас сум од Манастир (Битола), па немав да понесам, а ти си оттука ќе се снајдеш.“ Човекот се согласил и му го дал бајрачето. Кога стигнал перед Султанот, сите оџи стоеле мирно, држејќи ги бајрачињата, а Наум почнал да мавта со него. Тоа му паднало в очи на Султанот и му рекол на еден од неговите службеници: „Оди да му речиш на оној што мавта со бајрачето утре да се јави кај мене.“ Тој отишол и му го пренесол тоа што го рекол Султанот, а Наум задоволен му рекол: „Ти благодарам, јас токму за тоа сум доден тука.“ И така Султанот го примил утредента кај него, прашувајќи го зошто мавтал со бајрачето додека мирно стоеле? А тој му одговорил дека тоа го сторил да го забележи и да го прими кај него. Воедно му кажал дека тој не е оџа туку поп, дека не е оттука и дека дошол по тапија за планината која неправедно им била земена на Вевчанци. Притоа навел дека коџобашијата Гроздан има добиено со поткуп лажна тапија и барал истата да му се одземе и издаде нова. Зборувајќи му на турски јазик тој го разбрал во потполност и наредил да му се издаде уште веднаш нова тапија со која Вевчанци си ја повратиле планината. Незадоволни од тоа горнобеличани, предводени од коџобашијата Никола Гроздан, организирале завера против попот Наум од Вевчани. Најпрво собрале пари, а потоа ангажирале платен убиец. Тој бил Далип Љуфа од село Велешта кој го убил попот Наум во село Моруништа вршејќи служба во манастирот Св. Мартинија. Тогаш поп Наум имал само 38 години, а зад себе оставил шест деца. Бил погребан со сите почести на гробиштата од Долна Црква во Вевчани и неговиот гроб се наоѓа под олтарот на самата црква. Во знак на благодарност за неговото дело Вевчанци на неговиот син Ристо му го подариле брдото Цветко. Инаку тие него нарекувале Исус. Попот Наум имал свој сејмен кој го чувал. Тој бил од селото Папрадник кај Дебар. По неговото убиство сејменот си заминал дома. Тој повремено навраќал во Вевчани, во поповата куќа, а воедно го следел движењето на Далипа, убиецот на поп Наум. Па така еден ден кога навратил во Вевчани дознал дека Далип се наоѓа на Голина и тој се упатил таму. Го нашол каде што пече јагне со тајфата Тогаш тој стрелал во него од Шкала, а ранетиот Далип се обидел да побегне по трапот надолу. Таму го стигнал сејменот и го доубил, а потоа му ја отсекол главата и ја врзал во шамија. Ја зел со себе и ја однесол на попадијата во Вевчани. Така окрвавена шамијата со главата на Далип, тој ја ставил на ноќвите и и рекол, нејзе: „Попаѓо, ја вративме крвта на попот“. Кога ја видела таа главата му дала десет жолти лири, како награда. А тој за истата глава добил и друга награда од Султанот бидејќи тој бил осуден и за друг случај. За убиството ба поп Наум – Мали Оџа, како и за убиството на неговиот убиец Далип Љуфа од с. Велешта испеани се неколку песни меѓу кои и следните: 1. Меџелис праит Горна Белица, меџелис праит Гроздан Белица, меџелис чинет пари да берет, пари да се берет, Наум да се убиет, тој поп Наум, Малиот Оџа. Тој да се убиет за планината, што ни ја зеде на Беличаните. Ќа го убиет тој Далип Љуфа за триста лири султанамитови. Наум го криет ајдукот Далипа, од Султанот Амита во бочвата со вино во ќералот голем. 2. Сардисаје, ги сардисаје вевчанските бачила, ги сардисаје сејмените од поп Наума, од Маиот Оџа, сејмените од Папрадник. Го сардисаје Далип Љуфа Далип Љуфа од Велешта, Коа излезе Далип Љуфа, сабајлето во трлото да си земит рудо јагне за печење му извикна овчар Мајо: - Остај, Далип ти јагнето, овците се од манастирот Свети Спас. Пукна пушка наоколу Далип падна среде терло, викна Далип: - Ој ти Мајо, ти овчаре, дај ми вода да с напија. Му одговори овчар Мајо: - Ој Далипе, куче едно, Дримон вода не те напи, тук се напи попски крви, кој те крие шес години од Султанот Амита. Од книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан