Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дел од меѓународна акција против инвестициска измама со криптовалути
- На барање на шпанските, германските и финските власти, ЕВРОПРАВДА и ЕВРОПОЛ поддржаа меѓународна акција против голема инвестициска измама што вклучува употреба на криптовалути. Акцијата беше
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - На барање на шпанските, германските и финските власти, ЕВРОПРАВДА и ЕВРОПОЛ поддржаа меѓународна акција против голема инвестициска измама што вклучува употреба на криптовалути. Акцијата беше спроведена на 8 и 9 ноември во Албанија, Бугарија, Грузија, Северна Македонија и Украина.
Како што соопшти Јавното обвинителство, на барање на Истражен судија од Основниот суд на Бамберг, за потребите на предмет оформен во Бамберг – Германија, преку македонскиот јавен обвинител за врски во ЕВРОПРАВДА, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и обвинители од обвинителство Бамберг – Германија реализираа заеднички активности.
Според наводите во доставеното барање, како што е наведено во соопштението, тамошниот суд донел одлука за спроведување на истражна постапка против македонски државјани за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело - Измама.
-Имено, во 2016 година, со цел да извршува заеднички континуирани кривични дела на измама во форма на т.н. сајбертрејдинг, била создадена организирана криминална група на која припадници станале многу лица од голем број европски земји, меѓу кои и осомничените. Групата инсталирала голема мрежа на лажни фирми и управувала со бројни трејдинг платформи. Воедно, со цел да ги извршува делата отворила повикувачки центри, организирани во т.н. дескови според мајчиниот јазик на клиентите, информираат од Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека, членовите на групата во улога на агенти, на различни домени се обраќале на заинтересирани лица и создавале привид дека тргуваат со различни финансиски инструменти, особено со бинарни опции, ЦФД-а, Форекс и криптовалути. Користејќи т.н. афилијативен маркетинг и манипулативни реклами групата врбувала бројни клиенти да пополнат контактен формулар во кој ги оставале нивните лични податоци. „Агентите“ потоа преку повикувачките центри телефонски стапувале во контакт со интересентите и им ветувале високи добивки за првична уплата од 250 евра. Овие центри функционирале во две одделенија – одделение со конверзиони агенти чија задача била да го убедат клиентот да изврши прва уплата и одделение со ретенциони агенти кои понатаму се грижеле за клиентите, односно на жртвите лажно им ја прикажувале нивната уплата и можностите што им се нудат преку различни финансиски продукти. Најголем број на вакви центри се отворени во Албанија, Грузија, Северна Македонија и Украина.
Откако средствата биле уплаќани, „агентите“ симулирале наводна трговија со финансиски инструменти која никогаш не се случувала. Уплатените пари, членовите на групата ги присвојувале за себе и според пресметките на ЕВРОПРАВДА причинетата штета се проценува на 50 милиони евра годишно.
Во Скопје од 2019 година групата инсталирала два повикувачки центри што работеле на истиот начин, а каде осомничените се јавуваат како сопственик и управители на повикувачките центри. При извршените претреси се одземени уреди за електронска комуникација, а јавните обвинители ги сослушаа осомничените лица.
Во рамките на целата акција се претресени 15 повикувачки центри (шест во Албанија, пет во Грузија, три во Украина и еден во Северна Македонија), како и 27 други локации, а пет осомничени од кои четири во Албанија и едно во Грузија се уапсени. При претресите одземени се околу 500 електронски уреди, 344.101 евро во готовина, мобилни телефони, банкарски сметки, паричници за криптовалути, имот, лични документи и банкарски картички, како и стотици други документи. Во акцијата освен надлежните органи на државите каде што беа спроведени активностите, учествуваа и Финска, Германија, Латвија, Шведска и Шпанија.
Бројот на жртвите на оваа голема онлајн измама се проценува на стотици илјади, што укажува на потребата потенцијалните инвеститори да бидат дополнително внимателни при онлајн инвестирање и да проверуваат дали веб-страниците припаѓаат на правните лица што легитимно работат, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство. дма/сст/