• недела, 17 ноември 2024

Обвинителството презема дејствија за нападот врз новинарот Фуркан Салиу

Обвинителството презема дејствија за нападот врз новинарот Фуркан Салиу

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево е известен за нападот врз новинарот Фуркан Салиу и ги дава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот.

-Предметот е евидентиран во статистиката на пријавени напади врз новинари што ја води Јавното обвинителство и по преземање на сите дејствија ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката, соопшти попладнево Јавното обвинителство.

Претходно, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди денешниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска.

-Овој скандалозен настан следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката од страна на ПорталИкс и Салиу, кој денеска при земање на изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката но и скршен микрофон од неговата опрема. Колегата Салиу на местото на настанот повикал полиција и во моментов дава исказ во полициската станица. За овој настан известен е и обвинител од Кичево, се наведува во соопштението од ЗНМ.

Од ЗНМ велат дека веднаш стапиле во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу.

-Контакт точките, односно лицата во МВР и ОЈО се од голема важност во контекст на брза и ефективна комуникација со ЗНМ кога станува збор за повреда на право на новинар или медиумски работник и овозможува поголема институционална заштита, се наведува во соопштението.

Од ЗНМ потсетуваат дека напад на новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност. Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на санкционирање на напаѓачот, во овој случај извршителката Јакимовска.

ЗНМ за овој случај освен за кривична одговорност, ќе побара и дисциплинска мерка, согласно кодексот на професионалната етика на извршителите за одземање на лиценцата за работа од страна на Комората на извршители на Република Северна Македонија. дма/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан