• недела, 22 декември 2024

НФФ: Надоместот за земјоделките за мајчинство треба да биде системско решение

НФФ: Надоместот за земјоделките за мајчинство треба да биде системско решение

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) - Националната федерација на фармери (НФФ) го истакнува значењето на Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година. Оваа Програма, смета, е одлично решение што овозможува земјоделките да добиваат паричен надомест за време на мајчинство во период од девет месеци.

Според НФФ, кординативната група ќе продолжи со својата работа и оваа година, со цел да ја преточи Програмата во системско и трајно решение.

НФФ апелира дека за поддршка на интересите и остварување на правата на земјоделките и земјоделците, популистички мерки и политички маркетинг не се решение. Треба да се користат добро направени анализи, конструктивни дијалози и соработка за креирање конкретни и применливи решенија.

-Беше предизвик да се најде решение за надомест за мајчинство за категоријата на земјоделци кои имаат статус на осигуреник според Законот за пензиско и инвалидско осигурување и плаќаат придонеси од социјално, здравствено и инвалидско осигурување каде основицата е пресметана на 20 отсто од просечно исплатена месечна плата по работник. Тие имаат права на здравствени услуги, но немаат право на надоместок поради боледување и породилно отсуство, бидејќи не се во работен однос, односно не добиваат месечна плата од работодавач, туку добиваат приход од вршење на земјоделска дејност кој не е месечен туку е годишен приход во зависност од продажбата на земјоделско производство. На ваков начин оваа категорија на индивидулани земјоделци не се опфатени со прописите од работен однос и во таа насока групата бараше соодветно решение за да и овие индивидуални земјоделки го остварат своето право на мајчинство, наведува НФФ.

Преку оваа Програма, земјоделките ќе имаат право на платен надомест во случај на спреченост на вршењето на земјоделската дејност поради раѓање. Ова право за жените земјоделки, кои не се опфатени со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи, се остварува прв пат, иако проблемот постои повеќе од три децении. 

-Ова е резултат на 15-годишниот напор на Националната федерација на фармери за решавање на проблемот. Голем успех за земјоделките и земјоделците, кои навистина ја заслужуваат оваа поддршка.  Програмата обезбедува еднократна финансиска поддршка од 81 000 денари. Оваа помош е наменета за жените кои имаат статус на осигуреник-индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување и не можат да остварат платено породилно отсуство. Во 2022 година, преку соработката со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, се изнајде соодветно решение преку Програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, потсетува Федерацијата.

Програмата почна да се имплементира во 2023 година преку Министерството за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој.

-Резултатот беше постигнат преку креирање пилот мерка од страна на координативна група составена од сите засегнати институции, вклучувајќи ги Министерството за земјоделство, Министерството за труд, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој и Националната федерација на фармери. Процесот беше фасилитиран од Националната федерација на фармери, а поддржан од Шведската организација за развој We Effect, дополнува НФФ.

Согласно официјалната статистика на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, бројот на регистрирани индивидуални земјоделци согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 4 291, од кои 1 255 се земјоделки.

-Земјоделците кои се регистрирани согласно Законот за вршење земјоделска дејност се трговци поединци кои целосно ги подмируваат придонесите од здравствено и социјално осигурување, имаат статус на вработено лице и имаат право на надомест на плата за време на спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, како и сите права утврдени согласно прописите на работните односи, истакнува НФФ. мч/лв/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан