• понеделник, 23 декември 2024

Нуредини: Шар Планина стана национален парк, се отвораат нови можности

Нуредини: Шар Планина стана национален парк, се отвораат нови можности
Скопје, 30 јуни 2021 (МИА) - Пратениците во Собранието со мнозинство од 66 гласови дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк и донесоа историска одлука. Со изгласувањето на овој Закон нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на Република Северна Македонија. Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во земјава и богат и ендемичен растителен и животински свет. Од ресорното министерство посочуваат дека паркот располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности. Според министерот Насер Нуредини, со донесувањето на законот се отвораат нови можности.

-И што е најважно, очекувам дека со со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности, не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ. Им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат, се вели во писмената изјава на министерот Нуредини.  мд/ев/

 

Остани поврзан